Остарел Итар Пејо и почнал да мисли за ,,Оној свет,,. Слушал дека за влегување во Рајот требало да се исполнат многу и тешки услови. Да не мрси, да не прави лошо на луѓето, да не се кара, да не се тепа, да ги почитува поповите и владиците, да оди в црква, да пали свеќи, да се моли на Бога и светците, да не пцуе, да не задева туѓи жени… Се знае какви услови поставил Господ да се влезе во убавините што се викаат рај?
А Пејо, дури беше млад, ич не ги бркаше овие работи. Мрсеше и на Велики петок, постеше и на Божиќ, се караше и се тепаше со секого што би го навредил и предизвикал. Ги пцуеше и господ и Богородица ако го налутеа нешто. Цел живот не влезе в црква, та ниедна свеќа не запали, ни половина кило масло не однесе да му светне на Ристоса и неговите апостоли и светци.
Кој мариовец не би наденал туѓа жена? Само ако не му излегла пред пушка. Таков беше Пејо. Ко сите мариовци. Како може таков да се надева на Рај? На таквите местото им е во пеколот, да се варат во врелиот катран и да се печат на жешкиот жар. Така слушаше Пејо на млади години од попот и владиката, ама тогаш беше далеку од ,,дупчето,,, та ич не ги зарежуваше.
Кога го урекнуваа што мрси, тој математички се правдаше:
-Велите дека Господ се знае и се гледа, а многу е праведен. Така, јас ич гајле немам од него. Ќе отидам кај него на суд и ќе си ја видиме сметката. Вистина сум мрсел во некои пости, ама затоа сум постел во безброј мрсни дни, зашто, Господ не ми дал да мрсам, немало ништо. Нека го види мојот ,,картон,, колку посни дни сум мрсел, колку мрсни дни сум постел. Ако излезам должен, ете му ја душата. Нека суди, нека ја праќа каде сака. Ми се чини дека повеќе мрсни дни сум постел, отколку посни што сум мрсел. Та, тој ќе ми должи, а не јас нему – се тешел Пејо за влегувањето во Рајот.
Колку се приближувал до ,,дупчето,, повеќе се плашел.
– Зар Господ е толу праведен? Да не веруваш! Колку е некој поголем и посилен, толку правината е подалеку од него. Та и Тој. Ќе ти рече за еден грев сто лири и оди расправај се. А силата му е во раката. Не дава уста да отвориш ќе те тера во пеколот на варење и печење – си мислел Пејо.
Така почнал да мисли како таму да се снајди и кој марифет да го најди? Да не излегува Господ, да не дава сметки, туку право да се шушне во Рајот и да го преслепе Свети Петрета.
И смисли марифет.
Умре ко му дојде денот и отиде на небото. Не отиде право пред Господа да му суди. Судењето било закажано многу подоцна од смртта. И таму како овде. И божјиот суд бил со закаснение. На умрените им се судело по месец-два, па и година откако ќе отиде горе. Така Пејо се врткал околу вратата на Рајот и меркал згодна прилика да влезе илегално, без пашапорт. Разбрал дека преку оградата никого не враќале назад од Рајот, само ако успеел да влезе. Се окуражил. Дури чекал, умрел некој владика. Господ веднаш му дал виза за Рајот. Напишал на пашапортот и што багаж носи владиката и со која придружба влегува. Гледа Пејо, цела олелија од луѓе. Владиката напред, ѓаконот по него, па шест убави млади калуѓерки. Таман дошле на портата од Рајот и владиката му го покажал пашапортот на Свети Петар. Овој ја отворил портата, а Пејо кренал на грб една од калуѓерките и слободно влегол внатре. Влегол илегално, но не можеле да го истераат, оти таков бил законот.