ШТУКНА НЕКАДЕ, УСВЕТ ФАТИ!

ivce1Се јавуваат нови зборови, се подзабораваат постари. Нормално е тоа. Но, не е сосема пожелно. Непожелно е да се забораваат зборови, кои се наши, кои во определени текстови можат да даваат посебен колорит. Ќе почнеме со зборот (глагол) ,,штукна,,. Ретко го слушаме во последно време. Младите дури и воопшто не го употребуваат. Можеби дури не знаат што значи. А што значи? Ќе приведеме неколку стихови од стара македонска песна :

Синоќ си појдов, мила мамо

с коња за вода.

Таму си најдов едно девојче

кога го видов, умот ми штукна

умот ми штукна, коњ ми побегна.

Умот му штукнал на момчето. Се избезумил, умот му избегал. Токму тоа значи глаголот ,,штукна,, – исчезна, го снема. Би рекле за некого – ,,којзнае кај штукна,,. Значи го снемало, никој не знае каде е, исчезнал. Кутрото момче, умот го загубил, му штукнал, по девојчето. Токму со овие значења е одбележан овој збор во речениците. Ете, како да избегал од меморијата и ретко го слушаме или воопшто не го слушаме.

Друг збор што паѓа на ум е зборот (исто така глагол) ,,жугна,, ,,жугнува,,. Се среќава во повеќе изрази. Ќе рече некој дека било суша, ама сега, по овие дождови пченицата жугнала. Почнала да никнува, да расте, да биде свежа. Детето жугнало, ојакнало. За човек кој бил болен, по закрепнувањето се вели дека жугна. Жугне (жугнува) во определен момент може да значи и ,,шепна,, (шепнува). Еве реченица од романот на Стале Попов ,,Крпен живот,,: ,,Ами ајде, натерај ја невестата нека и жугне, нека í рече оти тој, човекот од Витолиште што бил некни тука, дојде – и ќе í текне кој сум,,. Се користеше тој глагол и во една друга ситуација. Жените кога месеа леб и кога ќе почнеше тестото да кисне, велеа дека ете, жугна тестото.

Еден од позаборавените зборови е и глаголот ,,пади,, (нападува). Одбележан е во Тритомниот речник. Неговото значење е – брка (избркува). Го напади (го избрка) од дома. Овој збор веќе никој не го употребува. Не сме го слушнале многу, многу одамна. За прилепскиот говор не е карактеристичен. Повеќе го употребуваат во Велес и околните места во малку поинаква форма. Извесен велешанец кој живееше во Прилеп имал проблеми со организацијата во која работеше. Поради тоа доби отказ. Велеше: ,, Ете, ме испудија,,. Значи, не ме испадија, туку ме испудија. Во околината на Прилеп сме слушале ,,нападија,, а и ,,испадија,,. Имал човекот повеќе говеда. Изутрина ќе ги нападел да пасат, а вечерта ги прибирал. Една бабичка се плачеше дека кокошките и колвале од гравот. Вели: ,,Само тука се врткаат, не можам да ги испадам,,.

Споменатите зборови се одбележани во Речникот. Има еден збор, кој за чудо, го нема во ниеден речник, а беше во жива употреба. Особено го употребуваа жените во клетвите. Ако беше некое дете немирно, ќе го караа и ќе му речеа ,,Усвет да фатиш,,. Некои беа уште пожестоки: ,,Усвет да фатиш, да се не вратиш,,. Ако беше потребен некој човек, а го немаше, не можеа да го најдат, ќе се речеше: ,,Усвет фати, којзнае каде е,,. Значи, зборот ,,усвет,, значи дека не се знае каде е, некаде по светот. Некаде џембос, како што се велеше уште. Зборовите што ги набројуваме можат да бидат употребувани. Не треба да ги отфрламе. Не треба да им речеме ,,усвет фатете,,. Ние мошне често земаме туѓи зборови, а го избегнуваме нашиот јазичен фонд. Има доста зборови потиснати, подзаборавени.

П.С.

Редовно го слушаме погрешно употребен прилогот ,,ширум,,. Велиме, тоа е прилог, а не предлог. Вратата може да биде ширум отворена. Значи како е отворена. Ширум Европа, ширум Македонија – не. Низ цела Европа, низ цела Македонија. Значи – каде?

Loading