ТЕШКО ПОВРЕДЕН ГОЛМАН БРАНЕШЕ ДОКРАЈ

Историја

Прилепскиот фудбал има значајни постигнувања уште во периодот меѓу двете светски војни.  Клуб кој остава печат е Југославија.  Прво, во 1932 година го освојува првото место во Скопскиот фудбалски потсојуз. Најголемиот конкурент, скопски ССК, е совладан со 6:3. Главно настапуваат: Димитар Ветаџокоски, Виктор Тошески, Киро Чаушоски – Талата, Кирил Х. Москоски, Димитар О. Москоски – Малако, Методија Адемоски, Методија Јованоски – Митушо, Коста Хаџикостоски – Тутара, Димче Беќароски, Рампо Беќаро, Борка Николоски – Беќаро, Миле Најчески, Кирил Крстески – Штрко и др. Следната 1933 година екипата Југославија има успеси во Јужниот куп. Откако е најдобра во потесното подрачје (Пелагонија), во финалето на ниво на Вардарска Бановина пак е совладан ССК од Скопје. По овој успех, нареден противник е екипата Цар Лазар од Крушевац, првак на Нишкиот фудбалски потсојуз.

-Го гледав првиот меч во Прилеп. Беше голема, тешка битка. Напаѓаа и нашите и гостите. Имаше многу грубости. Нашиот голман, Борка Николоски – Беќаро, одбрани многу топки, спаси чисти голови. Јуначки се фрлаше под нозе. Во една акција некој силно налета на него и страшно го удри со ногата. Лежеше испружен на земја и раскрвавен. Некако го кренаа и го однесоа на чешма за да го измијат. Тогаш немаше право на измени и мораше тој да брани докрај. Одвај се врати на теренот. Така ,,замелушен,, прими гол меѓу нозе и гостите победија со 1:0 – ги кажа сеќавањата навивачот Илија Тасески во 1992 година.

На реваншот во Крушевац домашните победуваат со 2-0 и се пласираат во наредната рунда. Прилепчаните и покрај поразот, се покажуваат во добро издание. Според Веселин Тофоски во книгата ,,Фудбалот во Прилеп 1919 -1941,, за нив со одбрани зборови пишуваат тогашните белградски весници Вардар и Време. И други квалитетни клубови покажувале интерес за неколку членови на прилепскиот клуб, пред сé, за Димитар Москоски – Малако, Миле Најчески и Кирил Крстески – Штрко. Подоцна Кирил Крстески – Штрко настапувал за Сингелиќ од Ниш. Тој е првиот прилепски фудбалер кој заиграл во друга средина.

Loading