АЗБЕСТНИТЕ ВОДОВОДНИ ЦЕВКИ ЗАМИНУВААТ ВО ИСТОРИЈАТА

ЈКП Водовод и канализација

– За околу 6-7 години во цел град ќе се заменат старите водоводни азбестни цевки со нови полиетиленски

emil janeski

Минато ќе бидат старите азбестно-бетонски водоводни цевки. Прилепчани нема да пијат повеќе вода која минува низ старата градска мрежа. За шест – седум години комплетно ќе бидат сменети сите стари водоводни линии. На местото на азбестните цевки, ЈКП Водовод и канализација поставува нови, полиетиленски. Екипите работат на реконструкција на водоводната мрежа на ул. ,,Јоска Јорданоски,, каде се заменуваат над 500 метри стара линија со нови полиетиленски цевки.

– На ул. ,,Јоска Јорданоски,, се реконструираат 330 метри секундарна линија (дијаметар Ф-90) и прифаќаме 36 куќни приклучоци и еден приклучок во зградата Табана со околу 30 корисници, односно околу 70 домаќинства.  Досега е заменета половина од градската мрежа. Од вкупно 360 километри со куќни приклучоци, сменети се цевките на околу 150 – 160 километри. Близу сме до половина со промената со поставување на нови полиетиленски цевки. Во 12 години се заменети околу 35 километри од сопствени средства и 40  километри од донацијата од КФВ банката, а во оваа година околу 13 километри  се променети. Со оваа динамика, за 6 – 7 години, во цел град ќе се заменат старите азбестни цевки, со нови полиетиленски – објаснува Емил Јанески, директор на ЈКП В и К .

Јанески сака да знаат граѓаните дека најголем дел од дефектите се јавуваат заради куќните приклучоци каде што има поцинкувани цевки кои што скапуваат заради киселоста на почвата, а бетонско азбестните цевки не се штетни по здравјето на граѓаните.

– Напротив, во многу случаи бетонско-азбестните цефки дистрибуираат поквалитетна вода за пиење од полиетиленските, бидејќи прават заштита од сончевите зраци. Граѓаните не треба да се грижат дека им се загрозува здравјето со бетонско-азбестните цевки, бидејќи воопшто не предизвикуваат никави последици врз здравјето и животот. Доколку заменувате стари и дотраени цевки логично е да ги заменувате со новите технички достигнувања, со полиетиленски, сигурно нема да ставите на местото на старите, нови азбестно-бетонски цевки кои се покрути, потешки за манипулација и  предизвикуваат повеќе дефекти – вели Јанески.  

Веднаш по завршување на активностите на ул,, ,,Јоска Јорданоски,, продолжуваат на ул. ,,Кеј 1-ви Мај,, каде што ќе се пушта нова полиетиленска цевка на 70 метри (дијаметар ф-63) и ќе се прифатат нови 7 приклучоци со цел квалитетно водоснабдување. Во исто време, завршени се работите околу изведбата на новата канализациона линија на ул. ,,Трети ноември,,. Продолжува замената на водоводните линии на Булеварот. На ул. ,,Савска,, се изведува канализација со цел сите домаќинства во Прилеп да имаат фекална канализација. На ул. ,,Архимедова,, ставена е во функција атмосферската канализација. Ќе се постави околу 100 метри нова фекална линија и ќе се замени повеќе од 200 метри, водоводна линија со нови полиетиленски цевки.

vodovodni cefki

И ВИЕНА, ЛОНДОН И ПАРИЗ ИМААТ АЗБЕСТНИ ЦЕВКИ

– Само азбестот во прав е штетен по здравјето на луѓето – вели Јанески.

Азбестни водоводни цевки се користат и во Европа.

– Замената на бетонско-азбестните цевки со нови полиетиленски првенствено е заради намалување на губитоците на вода и заради дефекти. Тие се потврди, покрути. Побрзо доаѓа до дефект на бетонско-азбестните линии, додека полиетиленските се пластични, полесни за ракување и го намалуваат трошокот на работењето. За пример, само во Виена повеќе од 70 отсто цевките се бетонско-азбестни. Околу 60 – 70 отсто се во Лондон, исто така, и во Париз. Нема европски град во кој нема бетонско-азбестни цевки, или поголем дел од нив.

Повеќе вода за Канатларци

Бидејќи постојните количества на вода за пиење не ги задоволуваат потребите на жителите на селото Канатларци со две илјади жители, локалната самоуправа изработи проект за нова дупчење на бунар.

-Сегашниот бунар е со капацитет од 2.5 литри во секунда. Ни приближно не ги задоволува потребите. Новиот бунар има дарежливост од најмалку 5-7 литри во секунда или 3-4 пати повеќе од досегашните количества – вели Јанески.

-По празникот почнува копање на бунарот. За кусо време жителите ќе добијат повеќе вода за пиење, со што проблемот со водоснабдување ќе се реши засекогаш – изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Loading