КАКО КОРОНА КРИЗАТА СЕ ОДРАЗУВА ВРЗ ПАЗАРИТЕ НА ТРУД?

Д-р Димитар Николоски од Економскиот факултет

Dimitar Nikoloski 1

Во моментот кога заразата од корона вирусот доби размери на глобална пандемија, беше јасно дека ќе предизвика голем шок за економијата, втурнувајќи ја во најдлабоката рецесија во поновата светска историја. Негативниот ефект на кризата се согледува во сите сфери од економската активност преку драстична контракција на потрошувачката, трговијата, инвестиционата активност, мобилноста на работната сила и тн. Ширењето на епидемијата низ целиот свет проследено со мерки за изолација, исто така, имаат ,,девастирачки,, последици и врз пазарите на труд.

Во услови на недостаток на официјални податоци, ефектите на корона кризата врз пазарите на труд во главно се оценуваат искуствено. Така на пример, според Меѓународната организација на труд околу 80 отсто од светската работна сила би била погодена од оваа рецесија. Бројот на затворени работни места би бил мошне голем и во глобални рамки би достигнал дури 200 милиони. Освен тоа, се јавуваат и различни други форми на рационализација како на пример: привремени отпуштања, скратено работно време, намалени плати и сл.

Иницијалните проценки за контракција на бруто домашниот производ кај нас изнесуваат околу -4 отсто што секако е резултат на згаснувањето на илјадници работни места, како и голем број привремени отпуштања од работа. Во Р.С. Македонија движењето на невработеноста од почетокот на 2020 година, засега, може да се следи само преку податоците за евидентирани невработени од Агенцијата за вработување. Според овој извор, за периодот јануари-април, 2020 година бројот на невработени се зголемил за околу 10.000 лица што е значителен пораст во споредба со претходните години. На графиконот подолу прикажан е индексот на пораст на невработеноста според евиденцијата на Агенцијата за вработување на Р.С. Македонија.

Кога зборуваме за ефектите на корона кризата врз пазарите на труд, треба да се истакне дека не сите дејности и професии се подеднакво погодени. Како и во секоја друга рецесија, и сега постојат губитници и добитници од кризата. При тоа, посебно загрозени се работниците во т.н. незаштитен или неформален сектор. Затоа  се забележува поголемо влијание кај земјите во развој, каде што незаштитените работници и неформалното вработување претставуваат значителен дел од работната сила. Натаму, очигледно е диспропорционално влијание кај различни дејности и професии. Во овој контекст, посебно погодени професии се оние кои се карактеризираат со голем интензитет на контакти како на пример: сместување и туризам, угостителство, бербери и стилисти, аеродромски работници и т.н. Од друга страна, бизнисите засновани на онлајн услуги во услови на масовна изолација на населението доживуваат досега невиден подем. Како илустрација можеме да ги наведеме примерите на компаниите Амазон, Нетфликс и др кои значително го зголемија обемот на работа.

Магнитудата на кризата врз згаснувањето на работните места ќе зависи од тоа колку брзо економијата ќе се врати на старата динамика во втората половина од 2020 година и, на кој начин владините политики ќе ја поттикнат побарувачката за трудот. Сведоци сме дека владите ширум светот преземаат соодветен одговор да се ублажат негативните последици од рецесијата, а тоа е случај и кај нас. При тоа, потребни се посебни мерки за поддршка на најпогодените сектори и ранливи категории од населението, вклучувајќи финансиска помош за компаниите. На страната на понудата, поголем акцент во иднина треба да се стави врз вештините за работа на далечина, напредните ИТ вештини, дигитална присутност и сл. кои се основа за т.н. ,,гиг економија,, која сé повеќе ќе доминира во глобалната размена на добра и услуги.

На крај, потребно е внимателно осмислување на полититките за редистрибуција на доходот. Имено, со цел да се подобри ефикасноста на приходната страна на буџетот, не треба да се занемарат ефектите врз нееднаквоста. Во тој контекст, политиките засновани врз линеаризација на трошокот од рецесијата како што се: намалување на платите во јавна администрација, акцизи на бензините и сл. акцентот го ставаат врз рамномерна распределба на трошокот. Во вакви услови, најголемиот товар би го сносила средната класа со потенцијални можности за нејзино дополнително осиромашување. Ваквите политики би придонесле за дополнителна контракција на потрошувачката, а со тоа и продлабочување на рецесијата. Од друга страна, поголема еднаквост би се постигнала со алтернативни облици на оданочување, како и поголема владина потрошувачка со таргетирање на најранливите категории во општеството.

Loading