ЈУНИЦА – ДЕВОЈКА

ivce1Се враќаме многу назад. 1961 година. Во прилепскиот театар се подготвуваше пиесата “Црнила” од Коле Чашуле. Тогаш првпат добивме посериозна актерска задача. Го игравме ликот на МЛАДИЧОТ. Среќата и радоста големи, но нешто нé копкаше. Имавме сомнеж дека именката МЛАДИЧ не е македонска. Поради високиот респект што го имавме спрема Чашуле, не можевме да се осмелиме јавно да го искажиме тој сомнеж. Си мислевме дека Чашуле, на тој план, не може да направи грешка.

Поминаа оттогаш повеќе од 50 години и уште нé не напушта мислата дека со таа именка нешто не е во ред. Прашувале многу луѓе, се интересирале за точноста на овој збор. Сме одговарале дека тој е наш, го има и во Речникот. Сепак, тоа наше тврдење било како со половина уста. Навистина, во Речникот го има. Има и некои други, слични именки. Ние сме сретнале само две, а можеби има повеќе. Ние сме ги сретнале именките ГОЛИЧ (премногу сиромав човек, голтар), и БЕЛИЧ (премногу бел човек). Но, наставката ИЧ не е многу продуктивна и е мошне ретка. Ова наше колебање околу именката МЛАДИЧ се потврди и тогаш кога го сретнавме написот на Благоја Корубин, токму на оваа тема. И тој бара корени во нашиот јазик за овој збор, но тешко дека може да најде. Тој вели дека зборот, сепак е земен од српскиот јазик, со тоа што крајната согласка не е Ќ (младиќ) туку Ч – МЛАДИЧ. Значи, нашиот сомнеж и колебање не биле напразни. Но, потребата за еден ваков збор, со точно издиференцирано значење, била голема. Така, зборот МЛАДИЧ е веќе влезен во нашиот речник и претставува норма. И тоа не би требало да биде проблем. Според својот строеж, тој збор може да стои во нашиот јазик. А именките ГОЛИЧ и БЕЛИЧ, го потврдуваат фактот дека МЛАДИЧ не е баш дрво без корен во нашиот јазик.

Инаку, во нашиот јазик, со вакво значење, имаме именка – МОМЧЕ. Но, таа не може во потполност да ја задоволи потребата. Таа повеќе соодветствува на српското – ДЕЧАК. Србите имаат – ДЕТЕ, ДЕЧАК и МОМАК. Кај нас тоа е – ДЕТЕ, МОМЧЕ и МОМЧАК. Именката МОМЧАК некако, како да не може да си најде некое посигурно место. А кај нас, МОМЧЕ може и се употребува и за младоженец. За млад сопруг. Во последно време, дури и таа именка (момче), како да почна да му го отстапува местото на “модерниот” ТИНЕЈЏЕР. Во множина може понекогаш да се употреби и МОМЦИ, но во еднина тоа не оди. МОМАК не оди поради својата наставка АК, која е српска, а МОМОК поради тоа што си има значење на слуга.

Корубин вели дека најдобро решение за МЛАДИЧ би била именката ЈУНАК. Нејзиното првобитно значење е токму тоа, но со времето, таа именка го напуштила таквото значење и сега означува  ХРАБАР ЧОВЕК.

Ова не натера да пребараме во повеќе “тефтери”. Во старословенско – македонскиот речник се потврдени овие толкувања. Таму е објаснето дека ЮНОСТЬ (јуност) значи МЛАДОСТ,  ЮНОТА (јунота) МОМЧЕ, ЮНОША (јуноша) исто така момче, а ЮНИЦА (јуница) значи ДЕВОЈЧЕ. Во рускиот јазик го има овој старословенски збор. Поетот Смирненски, кој пишува на бугарски јазик, има песна која гласи ЈУНОША. Значи тој збор се користи и во бугарскиот јазик. А штом е старословенски им припаѓа на сите словенски јазици. Кај нас, не развил такво значење. Но, и во нашиот јазик и во српскиот  се користи зборот ЈУНИОР (јуниорска репрезентација).

Нашиот народ, во некои постари времиња, немал некоја особена потреба од зборот МЛАДИЧ. Именките МОМЧЕ и ЕРГЕН ја задоволувале таа потреба. Но, интересно е, кога на народот му затребало прецизно именување на домашните животни, тој си нашол соодветни зборови. На пример: едногодишно јагне е ШИЛЕЖЕ, но млада, двегодишна овца е ЗВИСКА, а бравот на таа возраст е ЗВИЗАК (звизјак). Најкарактеристичен е случајот со воловите. Младото е ТЕЛЕ, но по некоја година тоа е ЈУНЕЦ. Младата крава е ЈУНИЦА. Ете каде отишол со тоа значење зборот кој требало, евентуално, да го означува денешниот МЛАДИЧ. Зборот ЈУН (млад) се искористил за онаа потреба која ја имале луѓето. Еве, неодамна слушнавме дека во Македонија се увезени ЈУНИЦИ (млади крави) од Германија. Значи зборовите (со старословенско потекло) ЈУНЕЦ и ЈУНИЦА во нашиот јазик зафатиле цврсто место со мошне конкретно и прецизно значење.

Старословенскиот збор ЮНИЦА (јуница) значи ДЕВОЈЧЕ. Сега, никако не ќе може именката ЈУНЕЦ и ЈУНИЦА да означуваат МЛАДИЧ и ДЕВОЈКА. А кај говедата е така. ЈУНЕЦ е млад вол, ЈУНИЦА е млада крава.

Сега потребата налага прецизен израз за човек кој не е момче, а не е ни во попрекршени години – млад човек. Е тој млад човек е МЛАДИЧ. Можеби потеклото е српско, но тој е наполно адаптиран и има определена основа во нашиот јазик. Како поткрепа за тоа се именките што ги споменавме – ГОЛИЧ и БЕЛИЧ. Значи, дефинитивно, МЛАДИЧ е норма. Некогаш тоа го велевме со половина уста, еве сега, со цела – МЛАДИЧ.                                                                                                  

Loading