ТВОРЕШТВОТО Е СТРЕМЕЖ КОН ВРВНИ ДОБЛЕСТИ, ВРЕДНОСТИ И ВИСОЧИНИ

Во време на коронавирусот – Габриела Стојаноска – Станоеска, писател и уредник на списанието ,,Стремеж,,

gabriela stojanoska stanoeska

,,Да се твори, значи да се продолжи низата во давањето на најдоброто од себе, не себе си, туку на другите, без разлика дали се тие овде и сега или некогаш и негде. Да се твори, како што си кажува и зборот ,,дава,, во синонимот ,,создава, значи да се дели и дарува она посебното со кое секој од нас е обдарен и давајќи да ја пренесуваме не само финалната ракотворба, умотворба, љуботворба, туку и самиот творечки чин, страста за креирање рамна на страста за живот,,.

Со овие зборови како одговор на прашањето: ,,Што значи да се биде творец,, го започнавме разговорот со писателката Габриела Стојаноска -Станоеска, која специјално за Зенит напиша расказ за ова време на живот со коронавирусот.

Велите дека сé во светот е креација и сé во светот нешто креира, дури и неживиот свет за чиј таен живот многу малку знаеме?

Да. За голем број предмети и технички пронајдоци имаме податоци во чија глава светнале како идеја пред да бидат реализирани, но авторите на најубавите и најважните нешта уште се енигма. Ако најголемиот Творец е оној кој ги раздиплил 3Д теписите убавини на овој свет и останатите, којзнае колку Д, интригантни, мастилаво ѕвездени универзуми, да се биде творец како човек, значи да се стремиш кон тие врвни доблести, вредности и височини од каде сé е подеднакво важно како делче од мозаикот и да создаваш светови, животи, убавини, значења. Притоа и да си играш, да уживаш во креирањето, во љубопитноста за нови димензии, во споделувањето знаења и тајни, да се радуваш истражувајќи го своето и туѓото постоење, да им се љубуваш на допирите со сé останато околу себе – живо, материјално, невидливо, имагинарно, онострано…

Што Ве инспирира да забележувате зборови и приказни на белиот лист хартија и каков треба да биде читателот на вашите раскази?

Ме инспирираат книжевноста и животот. Нечија песна или расказ ќе се прикачат на некое мое, со око невидливо место и почнуваат да ги отвораат шапките и цветовите на моите внатрешни светови, одблиску и забрзано, баш како што во документарците е прикажано буењето на растителниот свет во пролет. И играта продолжува, го сеам врз белината повејот одговори на туѓите прашања и моите зракопрашања и зракопрашинки кои можеби ќе бидат поленов прав за некој друг. Читањето е ветрот мисли и убавини што бесполово ги оплодува и умножува авторите. Од некое првпат во детството кога сум сфатила дека ден по ден го испраќаме животот кон крајното пристаниште, се обидувам да го зачувам во милион зборовни фотографии. Целта на ,,Зачувај,, е ,,Испрати,, и ги испраќам преку хартиениот трансфер некому како збиена човек-порака. Пишувам за она што í е ќеф на душава да пишува и да чита, се предизвикувам себе си да одам колку што можам подалеку и подлабоко во името на мојата вистина, а читателот ќе си земе она што нему му прави ќеф… Една читателка, ми пиша дека во моја книга нашла со душа чекана друшка со која може да ги мисли гласно премолчуваните и омаловажувани, а насушни женски теми. Главно, мојот читател не треба да се откажува. И да престане да чита денес, нека продолжи по неколку дена оти не е секогаш лесно да си очи во очи со болката, предрасудите, ограничувањата. Пишувам и за тешкото и за лесното, а болното богами треба да се издржи за да се ужива во забавното и хумористичното. Драматичните ситуации поставуваат барање до восприемачот да биде искрен со себе – или ќе биде таков или ќе ја остави книгата и нема да биде читател на моите раскази.

Колку писателите со лечебната моќ на зборовите можат да помогнат во овој период под закана на ковид 19?

Пишувањето вели: ,,Точно знам како ти е, види, ќе ти кажам една тајна…,, а читањето му благодари: ,,Вистина, не сум сам, дел сум од целината,,. Всушност, лечебна е комуникацијата, средбата на авторот, ликовите или лирското јас и читателот во една иста димензија, во една заедничка реалност, каква и да е природата на таа реалност, фикција или нефикција. Зборот, речта, сами по себе, ако се искрени, вистинити, добронамерни, се човечни и лечебни, а згора на тоа, ако се и естетизирани, тогаш лекот е во ударна восхитувачка и божествено исцелителна доза. Во овој тежок период на неочекувана светска пандемија кога човештвото по којзнае кој пат е фрлено на колена, и кога се бега од реалноста во потопли, поспокојни, позабавни засолништа, како на пример, во разните игри и предизвици со позитивни содржини на социјалните мрежи, и кога најуплашените се повлекуваат и замолкнуваат, авторите се и треба да бидат погласни од кога било, со својот крик да го искажат и ослободат потиснатиот страв на другите и со сонца од букви однатре да ги светлат ѕидовите. 

НАРАЧАНА КАРАНТИНСКА БРОЈАНИЦА

Спортистот што го помислија пациент влезе во амбулантата, кивна на сончевиот зрак полн прашинки што му брцна од око в нос, бришејќи се се накашла и се извини. Рече наминал само за да праша на кој телефонски број треба да се јави оддома за да пријави дека пред три дена се поздравил со братучед му кој отпосле му кажал дека бил во Италија минатиот викенд. Тригодишното топче се одбиваше од креветот во времето за денска починка кое не му личеше на такво, бидејќи дома беа сите. Продавачката мразеше сé живо што влегува в продавница. Што судба ќе беше – јадењето на децата со здравје да го плаќа… Ами ако плати со нивното? Тинејџерот не можеше на родителите, па удри-мавај по боксерската вреќа: нема – да – излезам – ниту – на – точно – шесте – месеци – од – ноќта – кога – ја – бакнав – во – куќичката – на – дрво – во – паркот. Банкарот ја држеше ладната чаша на уво, откако му кажа на двесте и вториот јавувач тој ден дека е заведено неговото откажување на одложувањето на кредитните рати. Таткото неволно ја подгледнуваше стрелката за бензин додека кружеше низ лавиринтот на населбата во првото замрачување, чекајќи живото сребро да му попушти на сонот, под топлината на автомобилското парно, музиката на радиото и дрмањето на уличните дупки ко мајчинска нишалка. По двонеделниот маратон во гледање видеа, под притисок на мајка му притисната од класниот, ученикот се најави од мобилниот телефон на гугл училницата и ,,ааај-деее…,, така остана кога го виде редниот број на списокот задачи поголем од бројот на учебни денови во годината. Некој тропна на вратата и ситната службеничка ги тропна тупаничињата в скут и ги сврти просолзените очи кон прозорецот. Само што ги помина со алкохол кваката и бирото по осумнаесетти пат. Супербабата нафрлаше прашања низ котелците, со правиот дали да се радува што внуците од ќерќата толку ја сакаат што не доаѓаат да ја видат, со опачниот дали да í биде малкунѕа криво што внуците од синот едно-две – ете í ги. Да се љуби или да се биде здрав? ,,Хамлет,, никогаш не звучел полудо, ни во театар, ни на телевизија. Шумата му откажа љубов на астматичарот, кучето на шетачот. Скичмена пред компјутер, учителката ревносно ги типкаше повратните информации за контролните задачи и трпеше болка долж целата десна нога и покрај доретата, веќе петти ден откако í се разработи масивната дискус хернија заради континуираното прегледување домашни, писмени работи и индивидуални електронски ученички портфолија. Кога полицискиот час го поместија од дваесет и еден часот на шеснаесет, одговарачката на ,,Мамо, мамо, мамо, мамо….,, остана без единствениот час за себе затоа што приспивното возење при бело видело е неефективно. Земајќи ги со товар и со тегет ракавиците производите од полиците купувачот имаше чувство дека реди бомби во корпата и ќе си ги однесе дел во фрижидерот, да им потрае рокот за секој случај, а дел право на карираното чаршафче за итна потреба бивствена, јали самоубиствена. Верникот го стегаше душата кај лажичката дури молитвеше да му се прости за слабата вера исплашена од лажичката за причесна. Авторката ги пребројуваше редовите нагоре незадоволна што сепак брои и што воопшто ја прифати карантинската нарачка да пишува за тоа за што í се молчеше како што се трае пред некој што нејќеш да го разлутиш и со душа чекаш да си замине. Не, не може да го напише текстот до сабота и не може да има четириесет реда (Четиринаесет дена? Четириесéт дена? Реда, реда!) колку што е просторот на страната. Проблемот со (и во) ограничувањата е што за хаштаг го имаат најголемото меѓу нив. Не е секош пик, а кај да е, пак пик е, ко црн бик е. Што е тоа, м?

Габриела Стојаноска-Станоеска

Loading