ИЗВОЛТЕ БЛЕБЕТАЈТЕ

ivce1Жестока расправа. Во Парламентот, се разбира. Се разгледува важни документи. Опозицијата напаѓа. Позицијата брани. Централно место во расправата зазема изоставањето на придавката МАКЕДОНСКИ. Во претходните извештаи била застапена (македонски јазик и македонски народ).

Се жести угледна госпоѓа со високо педигре. Напаѓа што била изоставена придавката МАКЕДОНСКИ. Госпоѓата тврди дека јазикот (македонски) треба да се брани во Брисел.

Даде Господ, завршија 10 минути и престанаа прежестоките напади. На крајот, (нели крајот го краси делото!) и госпоѓата пратеник го украси својот говор. Рече дека сево ова и личело на ФУДБАЛСКА УТАКМИЦА. Ами, госпоѓо, зборот УТАКМИЦА не е македонски. Кај нас тоа е натпревар. Зошто го избравте токму него за капак на излагањето? Но, ништо. Не е толку страшно. Од каде знаат оние во Брисел чиј збор е УТАКМИЦА. Тој не може да најде место во придавката МАКЕДОНСКИ, но тоа ќе си го знаеме ние, а не тие таму во Брисел.

Следува друга госпоѓа од повисок ранг. Таман помисливме дека нема да се појави дискутант со таква жестина и гнев, госпоѓата демантира. Уф, страв да го фати човека и од тонот и од аргументацијата. Таа критикува една нејзина колешка. Вели дека она што го зборувала било разделено на три дела:

– Првиот дел – БЛЕБЕТАЊЕ!

– Вториот дел – БЛЕБЕТАЊЕ!

–  Третиот дел – БЛЕБЕТАЊЕ!

Драга госпоѓо пратеник! Вие сигурно го знаете значењето на зборот БЛЕБЕТАЊЕ? Јасна е содржината, бидејќи ја практикува. Но, редно е да знае дека таа глаголска именка, не е македонска. А дискутира токму за тоа. Го браните македонскиот јазик. Госпоѓо, бранете го јазикот од себе. Бранете го и практикувајте го и кај нас, а не само во Брисел. Можеби за некои зборови или изрази немаме и не можеме да најдеме соодветна замена во нашиот јазик. Можеби некогаш сме принудени да позајмуваме. Можеби ќе бидеме принудени да создаваме нови зборови (неологизми). Тоа се нормални појави во сите јазици. Но, вакви зборови, зборови за кавга, имаме во изобилство. Госпоѓо, вашиот омилен збор “блебетање” кај нас може да се замени и со ДРДОРЕЊЕ и со ПЛАМПАЊЕ и со ЛОМОТЕЊЕ. Можеби има и други наместо српското БЛЕБЕТАЊЕ. Можевте и со некој од нашиве зборови да и ја упатите навредата на колешката.

Зборува госпоѓа пратеник од позицијата. Прави забелешки на остриот тон, за навредливите зборови и им вели:

– Вие сакате сите да нé омаловажите, да не изнавредувате, е, па – ИЗВОЛТЕ!

И таа го украси крајот на својата кратка реплика. Госпоѓо, можеби ќе ви простевме, ако ова ви е единствена грешка, ако не знаевте дека на македонски е ПОВЕЛЕТЕ, а не ИЗВОЛТЕ. Но, кај вас грешките не се доброваат.

И, ете така. Ќе велиме УТАКМИЦА, ќе велиме БЛЕБЕТАЊЕ, ќе велиме ИЗВОЛТЕ и што ли уште не ќе велиме? Особено во Парламентот, кај нашите бранители на јазикот. Ќе зборуваме, како што зборуваме. Ќе го деградираме јазикот. Но, ќе си бараме во Брисел да ја употребуваат придавката МАКЕДОНСКИ. Точно е тоа дека треба да бараме и да бидеме мошне настојчиви. Но, ако продолжиме вака да го практикуваме нашиот јазик и во Парламентот и на медиумите и во училишатата – тешко дека ќе го одбраниме, па и стопати да е напишана придавката – МАКЕДОНСКИ!                                                      

Loading