МАНАСТИР СО ДВЕ ЦРКВИ

Панорама на Беловодица

Баба Бона иницијатор за градење на манастирот

Колку имаат, толку нека остават

Bozjiot hram Sveti Nikola vo Belovodica

На едно ритче, на 17 километри од Прилеп подало “раце” кон небото манастирчето Свети Георгија кај селото Беловодица. Се закотвило на вакавско место од искона познато како Црквица. И се сонило на баба Бона да му помогне со место, дом за молитва на верниците, за една ,,молба,, за здравје и бериќет до светецот Георгија и Бог.

Баба Бона од Беловодица била малтретирана, но ја “мачеле” и светците да изгради храм за молитва. Се смета дека првото манастирче било преселено од местото Ливадиште, а во 1935 година баба Бона со помош на народот почнала градба на новиот божји дом. Три години ставала камен по камен, сложно и со чиста мисла. Молбите и солзите кои ги пролеала за грижа на манастирот допреле до селаните, но по нејзината смрт. Силната верба во Бог, во 1979 година, ги поттикнала селаните да подигнат уште една црква поголема,  веднаш до таа на баба Бона.

Двете цркви во манастирот пречекуваат со ширум отворени врати. Она што ќе оставиш, и свеќата, е дар за манастирчето.    

Раде Димоски 20 години е член на Одборот. Вели, луѓето колку имаат, толку остават.

– Обичај е домаќинот на славата да остави колку има, а ние или попот помагаме финансиски за пречек на гостите – вели Димоски. Зелениот килим наросен и свеж со мирис на мискојна крцка под нозете. Сé е на свое место. На средина мермерно фонтанче, а дивата круша ги раскрилила ветките на еден крај. Под неа дрвена маса и клупи за одмор на душата со прекрасна гледка на врвовите на околните планини. Во дворот од дрво направена дрвена отворена куќичка т.н Ладилник во која можете да се релаксирате во една интимна пријатна атмосфера. 

timthumb

Околината е распослана со даб. Бела река ита да се сплоти со Егејот преку Вардар. Во близина се растегнало езеро. Водата за пиење е од резервоарот под Беловодица.

Чисти конаци за околу 40 души

За манастирчето Свети Георгија се раскажувало дека даскалот Бугарин ја гаѓал со пушка плочата нацртана со коњи, ставена на манастирските двери. За брзо време синот му се разболел.

Селаните го запоставиле манастирот некое време. Му дале “живот” околу 1980 година. После донеле струја, изградиле еден  конак, опремен со нови постели и ќебиња, чаршави.

– Старите ги предадовме во манастирчето во Мрамор. Сега има место да спијат 40 души во седум чисти соби. Трпезаријата собира 200 лица, кујната е опремена со сите нишани – рече Димески.

За проширување на манастирот придонес даде Љубе Бранков, а крстовите ги подарил Гога Камчески.

Празник на манастирот е 9 декември, во мај на Ѓурѓовден и Свети Илија кога е осветен манастирот. За слави доаѓале и до 300 гости. Намерници се привлечени од местото и за викенди, иако нема свети води. Убава им била околината и на планинарите.

Манастирот сосема се правел со помош на селаните. Тие сториле ниет и се убедени дека ќе кренат и нова ѕидана камбанарија.

Гром го удрил манастирот

– Ставаме заземјување, зашто удри гром и направи дупка во ѕидот во конакот. Слаба е струјата и требаат пари за засилување – вели Раде Димоски.

Loading