БЕСМИСЛИЦИ

ivce1Ќе набележиме неколку бесмислици што ги слушаме на малите екрани. Си земаме слобода да ги нарекуваме така, зашто навистина се тоа. Еве ја првата!

Вака бевме известени: “Погребот на Глигоров извршен во кругот на семејството”. Зар ова не е бесмислица? Каде ли бил погребан Глигоров?! Може да се рече дека погребот бил извршен само во присуство на неговото семејство, ама да бил погребан во кругот на семејството?!…

Еве една друга нелогичност. Се зборува за Тоше Проески. Новинарката вели дека ќе зборувале за неговите ПРВИ ПОЧЕТОЦИ. Зар има и втори почетоци?! Може да се зборува за неговите први успеси, неговите први настапи, а почетоците се знае дека се први, неможат да бидат втори.

Ќе набележиме и една нелогичност што ја слушаме мошне често. Во Русија се одржаа избори за претседател на државата. За сите телевизиски куќи тоа е една од најважните теми. Еве како не информира една наша национална телевизија: “Русите ВО недела ќе избираат претседател”. Што би требало да се разбере од оваа реченица? Ништо друго, освен тоа дека отсега во недела (секоја недела) Русите ќе избираат претседател! Што ли ќе прават со толку претседатели?! Нашиве новинари уште не научија кога треба да се употребува предлогот ВО, а кога скратената форма В. Да објасниме уште еднаш. Ќе го земеме за пример денот НЕДЕЛА. Ако станува збор за првата наредна недела се користи предлогот В. “Јас В недела ќе одам во Скопје”. Ако е во прашање најблиската мината недела, ќе го употребеме предлогот ВО – “Јас ВО неделата бев во Скопје”. Ако е некоја подалечна мината недела пак ќе биде предлогот ВО, но и со некое друго дообјаснување – “Јас, ВО неделата, на Цветници, бев во Скопје”. Соопштението за изборите во Русија ние го слушнавме во петок. Значи реченицата треба да гласи: “Русите В недела ќе избираат претседател”. Јасно е дека се мисли за првата наредна недела. Но, грешката не завршува тука. Новинарот не информира и кога ќе биделе објавени резултатите од гласањето. Тој вели: “Резултатите ќе бидат објавени УТРЕ УТРОТО”, нејасно и конфузно. Народски кажано, реченицата би требало да гласи: “Резултатите ќе бидат објавени В понеделник сабајле”. Зборот САБАЈЛЕ го исфрламе, како архаизам, значи – “Резултатите ќе бидат објавени В понеделник ИЗУТРИНА”.

За овие прилози – изутрина, попладне, претпладне, навечер, пошироко во некоја друга пригода.

Проблемот со предлогот ВО и В има длабоки корени. Тој е диктиран од скопскиот говор. Се разбира, неговата употреба и таму е погрешна, но новинарите, па и други интелектуалци го употребуваат. Во битолскиот театар била повторно поставена пиесата “Лет ВО место” од Горан Стефаноски. Пиесата е играна многупати и во повеќе театри, а грешката останува. Не станува збор за летање во некое место, туку за лет В место или лет НАМЕСТО. Човекот не може да летне, тоа е темата. Чудно е малку, зошто се однесуваат ноншалантно кон овој проблем?! Штета за прекрасната драма.

Просторов не ни дозволува повеќе. Ќе приведеме само уште еден пример, уште една грешка, уште една несмасна реченица. Станува збор за  проблемите на старите луѓе. Како се чувствуваат кога ќе се почувствуваат немоќни, излишни, непотребни. Се дава карактеристика, мислење за човек кој би се нашол во таква ситуација. Се вели: “ПРЕ би умрел, НЕГО да си непотребен”. Браво! Реченицава не прилега на стар новинар. “ПРЕ би умрел, НЕГО да си непотребен”! А зошто не “ПОБРЗО би умрел, ОТКОЛКУ да си непотребен”. Се употребува сврзникот НЕГО (наместо ТУКУ, ОТКОЛКУ) како да е норма. А српски е. Но штом доаѓа од Скопје, луѓето го прифаќаат (за жал) и го употребуваат. Прилогот ПРЕ одамна не сме го слушнале. Така јазикот ќе го ,,збогатиме,, уште со еден српски збор.

Loading