Куриозитет во Кривогаштани
Локалните власти на Кривогаштани одамна го ставија стариот петвековен даб на гробиштата во дворот од црквата Свети Димитрија под посебен третман на заштита, бидејќи претставува амајлија на жителите, а и природна реткост. Дабот првин бил со огромна шуплина, но со време се облекол со природна кора. На местото од дупките останале само мали отвори. Според жителите, покрај него имало и стара јавор, кој се исушил.
Кривогаштани со околните населени места се препознатливи по населувањето на околу илјада штрковите од мај до средината на август. Такаречи ова подраÌе е природен резерват. Локалните власти се думаа да го земат штркот за амблем, заштитниот знак на училиштето “Манчу Матак”. Но, прилепските власти го изградија споменикот на Силјан Штркот во селото Мало Коњари.
Врската на стариот даб и штрковите ја доловуваат свештениците. Според легендата, пред пет века се водела жестока битка на штрковите и сивата чапја, рибарка, за освојување на дабот и за населување на некој од двата вида преселни птици.
– Битката за дабот да стане дом на штрковите или чапјите била толку жестока, што под крошната на раскошното дрво паднале многу жртви од едната и од другата страна. Победиле чапјите, кои и ден денес владеат со дабот, а штрковите биле поразени и заминале да градат гнезда за своите потомства по покривите на куќите. Дабот сведочи дека е неосвоена тврдина на штрковите. Не се доближуваат, оти десетина чивта чапји секоја пролет прават седела и ведат потомци секоја година – велат свештениците.
Ако “природата” í ја дала битката на силата на сивите птици, луѓето се трудат да ги заштитат белите птици од најразлични опасности. Направени се обиди за создавање на парк, населба за штрковите, кои речиси ги има на секоја куќа или бандера.
Жителите кажуваат дека се спороведувал проект за заштита на штрковите за да се населат на едно место.
– Беа ставени неколку метални корпи надвор од селото, штрковите да “ѕидаат” домови во обид за нивна селидба од куќите, на ливади на патот кон Крушево. Обидот беше неуспешен. Не им се “бендисува” локацијата. Бараат простори само во селото. Се плашат од грабливци кои ги демнат од блиската планина. Не се натеруваат птиците да се чивтат и да ги одгледуваат малите на други места, освен на оние места каде со години ги правеле гнездата и ги одгледувале “наследниците”. Важна им е близината на реките, барите, вировите, нивите, да обезбедуваат храна, да ловат црвји и полски глувци, жаби, риби, па и по некоја водна змија. Добра беше идејата да се направи туристичка атракција. Патниците да можат да се одмораат, да ги набљудуваат, да ги фотографираат и да следат како носат на свет по две, три или четири благородни птици. Имаше нацрт на уреден процтор со цветни патеки, клупи, зеленило, парк, фонатани, дрвја… Треба да се бара нов начин да се населат нашите летни соседи во автентичен амбиент – велат жителите.
-Потребно е само да се навикнат штрковите, а средства за уредување на паркот ќе се најдат. Населението ќе донира – велат жителите.
Имаку, птиците имаа природен инстинкт да градат гнезда на електричните столбови, на покривите и на оџаците од куќите. Се доведуваат во опасност и предизвикуваат дефекти на електричната инсталација. И подмладокот може да се повреди од струјни удари. ЕВН постави метални корпи на бандерите, штрковите да бидат безбедни.
Инаку, штрковите во Кривогаштани се враќаат секоја година во истото седело. Ги доградуваат гнездата со по неколку реда нови прачки. Несат по две, три, четири јајца. Ако има доволно храна, ги одгледуваат сите. Ако има помалку, најслабото пиле го уништуваат, да преживеат другите. При чистење на покривот и олуците од измет, еден жител го урнал гнездото, од кое собрал речиси една тракторска приколка прачки. Следната години двојката штркови пак изгради живеалиште од темел, собирајќи прачки со клуновите и тоа само за една недела.