КВО ВАДИС МАКЕДОНСКИ ЈАЗИКУ?

ivce1Сите! Буквално сите! Обичните граѓани, новинарите, политичарите! На сите, јазикот им е последната грижа. Никој не размислува каде оди нашиот јазик и со тоа каде одиме и сите ние. Ние, Македонците.

Пријател, објаснува нешто за тркалото од колата. Штом ќе се поправало нешто, потоа требало да се балансира. Во спротивно, тркалото ќе ,,баца,,. Го прашуваме што значи тоа ,,баца,. Објаснува дека тркалото неправилно ќе се врти, ќе отфрла. Го прашуваме зошто не вели веднаш дека ќе отфрла, туку ќе баца. Пријателот одговара дека сите велеле така. Ете така! Ако не врти колцето правилно, значи дека ,,баца,,. Така велеле сите!

Во последно време се форсира зборот ,,дојава,,. Го слушаме од сите новинари, од сите презентери, од сите коментатори. Овој збор не успеавме да го најдеме во ниту еден речник. Понекогаш се јавуваат и нови зборови, т.н. неологизми. Но дали во случајов постои таква потреба и дали именката ,,дојава,, ја задоволува таквата потреба? Го имаме зборот ,,пријава,, кој се употребува во различни случаи. Ете, некој пријавил дека во определена институција била поставена бомба. Станува збор за трговскиот центар ,,Сити Мол,,. Е, ама, тоа не било пријава, туку дојава. Зошто односната куќа го носи токму тоа име, не навлегуваме. Гледаме и снимки од објектот. Многу натписи, реклами. Сето напишано со латински букви, и со туѓи имиња. Во вестите од една наша телевизија слушнавме: ,,Не знаеме кој пријавил лажна дојава,,. Така вели новинарката. Некој пријавил лажна дојава. Во нашиот јазик “ дојава “ е свршен глагол. Во Толковниот речник постои вакво објаснување: ,,Дојаваа тројца на коњи,,, значи дошле со јавање.

Во телевизиска емисија од областа на кулинарството, објаснува човекот за многу рецепти, за разни јадења кои ги имал запишано многу одамна. Новинарката вели: ,,Значи тоа е твојот прв кувар,,? Срамота е да се објаснува дека тоа е кај нас готвач, а не кувар.

Се враќаме во областа на неодминливата политика. Политичар од највисоките врвови зборува за својот колега од противничкиот табор. Нормално, го критикува, го напаѓа, како што е вообичаено кај нас. Неговите објаснувања, неговите изјави биле конфузни, нејасни, неаргументирани. Сето тоа било така ,,загугулјено, замумулјено,,. Има ли смисла да се коментира оваа глупост?! Каде ли го најде тој израз? Сме слушале и сме регистрирале многу грешки, многу јазични недоследности но ова досега не сме го чуле. Еве, се случи и тоа. Се случи од политичар, водач, трибун, кој треба да биде гордост наша. Кој треба да биде за пример во сите области. Ама, ете, работата излезе ,,загугулјена и замумулјена,,. Турците би рекле – АШКОЛ СУН .

Поранешен политичар и висок функционер во безбедноста е гостин во дебатна емисија. Изнесува многу критички забелешки. Работите напредувале многу бавно. Премногу бавно. И како што вели тој, сето тоа се одвивало ,,миц – миц,,. Дали ќе се сетиме веднаш што ќе му значи тоа ,,миц – миц,,? Некој побрзо, некој побавно, сепак ќе ни текне. Нели во српскиот јазик постои глагол ,,мицати,,  што значи движење, помрднување. Постои таму и глаголска именка ,,мицање,, – ставање во движење. Кога сите тие дејства се одвиаваат многу бавно, Србите имаат израз ,,миц – миц,,. Имаме и ние таков израз, или такви изрази. Но, кој ќе му ја мисли на македонски, кога, ете, српските искази ни се понаколај. Зошто, да речеме, да не се вели дека работата одела ,,тргни – застани,,. Зар тоа не укажува на податокот дека некое дејство се одвивало многу бавно. Сме слушале, своевремено, од старите кога критукуваа некого за бавно работење, велеа дека тој работи ,,пооди – поседи,,. Можат да се најдат и други искажувања, ама еве, нашиов македонец вели ,,миц – миц,,. Еве уште едно – АШКОЛ СУН.

П.С.

Кога слушаме упатувања на добри желби, обично луѓето велат ,,ви посакувам,,. Не! Ви пожелувам. Така треба. Посакувам значи да добијам нешто за себе. На пример, посакувам пари на заем.

Loading