Анкета: Како живеат нашинците во земјите во Европа кои се погодени со пандемијата од Ковид 19
Коронавирус се шири во светот. Бројките растат, најмногу жртви во Италија, Шпанија, Франција и во САД… Според податоците од 31 март, заболени во светот од Ковид-19 има повеќе од 850.000, околу 180.000 се излекувани, а починале 42.000. Најмногу заболени има во САД – повеќе од 160.000, а таму се починати околу 3.500, исто како и во Франција, во која до 31 март имаше 52.000 заразени. Во Италија опаѓа бројот на новозаболените, чиј вкупен број надмина 105.000, од кои починати се околу 12.500, заедно со починатите на 31 март. Во Шпанија за 24 часа починаа 12 луѓе повеќе отколку во Италија. Пораст на заболените има и во балканските земји. За Србија, 31 март беше најцрн ден. Бројот на заразените се зголеми на 900, а на починатите на 23. Во Македонија бројот на заболените на 31 март достигна 329, од кои излекувани се 12, а починаа деветмина.
Како живеат нашинците во светот и какви мерки презема секоја земја пооделно
ОПТИМИСТИЧКИ КРАЈ Е СРЕДИНАТА НА МАЈ
Христијан Ангелески – инфектолог во Матрибор Словенија
„Препорачувам само дисциплинирано однесување и почитување на мерките за изолација за ослабување на врвот на инфекцијата со коронависусот“
Ова го вели прилепскиот инфектолог, Христијан Ангелески, кој работи во универзитетскиот клинички центар во Марибор, во Словенија.
Според него, покрај тоа што Словенија веќе 18 дена е под посебен режим, благо расти бројот на заболените, а расти и бројот на излечените. Тие заминуваат дома по 14 дена по два негативни теста.
-Врвот се очекува за една до две недели. Очекувам болеста да стивне во најоптимистичката варијанта во средината на мај. Покрај дисциплинираниот однос на граѓаните, за развој на болеста влијае комуникацијата и близината на Италија која е зафатена со апокалипса. Најава на слични тенденции има и за Шпанија. Во Совенија е благ и поднослив приливот на заболени, без притисок на здравствениот систем. Во клиниката каде што сум раководител на еден од двата карантина со поддршка на кислород, веќе се подготвени уште неколку објекти во случај на експоненцијален пораст. Болницата располага со посебен оддел за интензивна нега. Таму се ставаат на машина за дишење најтешките случаи. Се третираат и помлади како тешки случаи, покрај возрасните со хронични болести. Дел од позитивните со лесни симптоми се на домашен третман. Лекарите имаат со нив телефонски контакт најмалку двапати дневно во случај да им се влоши состојбата. Се прават напори да нема рапиден раст на заболените. Но, се очекува наплив на возрасни пациенти – прогнозира инфектологот Ангелески.
Вели дека Словенците ги почитуваат правилата и затоа досега нема некој посебен пораст.
-Не очекувам црно сценарио здравствениот систем да не може да ги прифати и да ги третира инфицираните – проценува Ангелески кој од 8. март до 1. април имал само еден слободен ден и многу, многу дежурства во клиниката, која нуди здравствени услуги такаречи за половина Словенија.
МАРИЈА И ОГНЕН АЛЕКСОСКИ – ШПАНИЈА
– Реално ситуацијата е страшна според тоа што не информираат на телевизија. Но, во нашето место, во Валенсија во Аликанте немаме осетено дека е голем проблем. Мерките се ригориозни за сите. Во карантин сме веќе трета недела со забрана за излегување. Еднаш неделно, еден член од фамилијата може да излезе за потребна храна, за фармација или оптика. Со миленичето околу домот може да се излезе кратко. Инаку не смее да се излегува. Во Аликанте се накачува бројот на заболени. Сé е затворено. Ништо не работи од преземените мерки. Владата кажа се е затворено, освен за есенцијалните потреби, транспортот, маркетите, аптеките. До минатата недела можеше да работата и стоматолошките ординации, градежништвото, но сега сé е затворено.
ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ НИЗ ПЛАНИНИ
Милан Цвејоски – лекар – Ново Место – Словенија
Состојбата со пандемијата во Словенија и мерките што ги презема државата се слични како во соседството. Последниов период кај граѓаните се чувствува мала опуштеност. Не се уплашени, по првите мерки кои малку влеаја страв со затворање на училиштата, факултетите, угостителските објекти… Движењето е слободно, без временско ограничување. Нема полициски час. Здравствените служби функционираат, освен за некои интервенции што не се итни. Тие се одложуваат. Иако е зголемен бројот на заразени, не се исполнети капацитетите во болниците ниту 50 отсто. Последна мерка на властите е меѓуградската ограничување за движење. Словенците се познати и традиционални љубители на природата. Последниов викенд масовно излегоа на прошетки низ планините, Блед, Бохињ…, па и на море. Тоа предизвика опасност од ширење на вирусот. Затоа се забрани меѓуопштинското движење, со што се скуси најголемото задоволство на населението. Луѓето кои работат во друг град, нормално, со дозволи, се движат, луѓето кои имаат стари родители во друго место имаат можност да ги посетат и да им однесат храна, родителите со деца во други места, можат да ги посетат… Најризични се старските домови. Таму властите полагаат најголемо внимание, да не се рашири вирусот меѓу станарите.
МИЛИЈАРДИ БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ СО ДРЖАВНА ГАРАНЦИЈА
Мустафа Алилоски – бизнисмен од Берн – Швајцарија
Не се чувствува стравување меѓу граѓаните. Движењето не е ограничено во Швајцарија, без разлика на растот на бројот на заболените. Не работат училиштата, факултетите кои држат настава преку интернет. Клуч е ставен на големите молови. Функционираат под посебен режим на влез маркетите за храна. Ставени се стаклени заштитни панели на касите, а касиерките се со маски и ракавици. Деловите со стока што не се храна се покриени и не се продаваат други стоки да не бидат конкуренција на затворените трговски синџири за широка потрошувачка. Но, он лајн може да се купи бела техника, облека, апарати за домаќинство… Аптеките се отворени. Во јавниот сообраќај нема многу патници. Нема метеж на градските сообраќајници и на автопатите. Рестораните нудат храна само он лајн. Забранети се движења на групи поголеми од петмина. Во автомобилите максимум можат да се возат по двајца. Здравствените институции функционираат само за итни случаи. Банките и поштите се отворени. Администрацијата нуди услуги он лајн. Компаниите работат да не страда економијата. Државата им нуди на стопанствениците, во зависност од големината бескаматни кредити, со државна гаранција од 85 отсто. Помалите фирми можат да добијат кредит он лајн до 500 илјади франка на 5 години без камата за ублажување на последиците. Парите се добиваат за еден ден со ситни процедури, а на некои им се овозможува црвено салдо до дозволената сума на кредитот. И за поголемите компании има бенефиции со стотици милиони, или вкупно во првата транша околу 20 милијарди франка.
ПРИРОДЕН ПАТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ШИРЕЊЕ НА ВИРУСОТ
М-р Васе Атанасоска – Стокхолм – Шведска
Атмосферата во Шведска е специфична затоа што таа и Холандија се единиствените држави во Европа кои имплементираат поинаква стратегија за справување со коронавирус пандемијата. Уште е највисок приоритет здравјето на економијата. Изненадувачки, оваа политика е поддржана од 52 отсто од населението на Шведска. Се препорачува социјалното дистанцирање, но нормално функционира целата економија. Дури се охрабрува јадењето во локалните ресторани, пекарници… за да се поддржат малите бизниси. Уште работат училиштата до 16 годишна возраст. Забранети се собири од над 50 луѓе, освен само од претходната недела. Целта е населението доброволно да се придржува до мерките и препораките од властите. Нема паника, иако бројот на заразени и смртни случаи се зголемува како и секаде низ Европа.
Сепак се забележува дека шеталиштата и парковите не се полни како претходно и луѓето се обидуваат да се разминат на поголема далечина. Стилот на живот на Швеѓаните, кои не се многу дружељубиви како луѓето од медитеранските земји, како и нивната независност (децата кога полнат 18 години се преселуваат во свој дом и постарите лица живеат во старски домови), одат во прилог на оваа политика и на природен пат го спречуваат поголемото ширење на вирусот.
НЕМА НАШИ ПОЗИТИВНИ
Видан Темелкоски, Италија
– Ние сме во Мерано, на тромеѓе Швајцарија и Австрија со 40 илјади жители, каде нема мртви. Има современа болница и ги носат тука болните од надвор. Не работиме и одиме по храна до 18 часот. Од полицијата земеаме формулари и ги пополнуваме. Со дозвола одиме. Се преселувавме деновиве и немаше проблем. Во трговијата има сé. Првите денови имаше метеж, а сега има ред. На растојание се стои, има лице кое регулира. Возат автобусите. Работам во паркови на одржување на цвеќињата. Луѓето самоиницијативно не излегуваат, иако беше викенд немаше никој, само полиција и војска. За состојбата во Италија се информираме од медиумите. Немам слушнато да е некој позитивен кај нашите, мислам од екс ЈУ со кои се дружиме. Ако си дојдат во Македонија, не можат да се вратат. Се слушаме со пријателите, контактирам со синот, внуката ни ја носи, до 31 март е дозволата за преселувањето. Купував во центарот. Таму има полиција и војска. Ги запираат мигрантите. Нема ништо страшно овде. Добив цела плата иако не одев на работа, имав одмор, но имам и прекувремени саати, се компензира. На колегата му скратиле. Синот е готвач во приватен хотел. Тој е на 80 отсто и не оди на работа, додека не заврши состојбата со вирусот. Местово е туристичко и е дефицитарно со кадри од сите структури, оти И од овде заминуваат во Германија, а доаѓаат од југот на привремена работа.
СТРАВ, ЛОЗЈЕ ЧУВА
Зоран Димоски – Бремен – Германија
Кај Гермнаците не се забележува дека се уплашени, но се внимателни. Граѓаните ги намалуваат движењата. Сообраќајот не е така густ. Се преземаат мерки на претпазливост. Фирмите работат, освен училиштата, градинките, угостелството, факултетите, големите молови. Рестораните испраќаат храна по нарачка. Банките имаат редуцирано работно време. Отворени се аптеките. Функционираат по посебни услови супермаркетите, пекарниците, каде внимателно се чека на ред на соодветна оддалеченост и се пуштаат одреден број на луѓе. Работи и јавниот превоз. Забранети се забавите, прославите на родендени слични поводи дома. Здравството функционира нормално. Стоматолозите не работат, освен за итни случаи. Зголемено е присуство на полиција. И парковите се отворени. Повозрасните шетаат на дистанца, максимум по двајца, понекои со маски и други средства за заштита. Поинаку во споредба со периодот пред пандемијата. Државата воведе мерки за одложено плаќање на гас, струја, комуналии. Ако кај некоја фирма се открие заболен, се затвора 14 дена, се дезинфицира, се изолираат работниците и се проверуваат со тестови. Се очекуваат поригорозни мерки, затегнување, бидејќи вирусот се шири. Велат, страв лозје чува.
ШЕСТ МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА ИЗЛЕГУВАЊЕ БЕЗ ПРИЧИНА
Зоран Мицески, Франција
-Работам од дома. Се излегува само со специјална довола. Ако ја немаш казната е 135 евра, третиот пат 3 000 евра и 6 месеци затвор. Отворени се само супермаркетите, лебарниците и аптеките. Сé е затворено. Нема движење. Само неколку камиони гледам од прозорецот како минуваат. Сé е мирно. Има многу случаи на Ковид 19, но не се знае до кога ќе трае. Засега, дома ќе седиме до 15 април. За јадење имаме, за двајца луѓе за 6 месеци имаме на располагање три замрзнувачи полни. Уплашени се сите. Вработените имаат специјални дозволи. Нема многу луѓе надвор да шетаат. Не се сите дисцилинирани, но тој што ризикува казната му иди брзо и ќе се смири, 6 месеци затвор е полошо отколку 15 дена дома. Недостаток има за маски, за нараквици и за гелови за дезинфекција. Две милијарди маски ќе дојдат за овие 10 дена. Приоритет беа болниците. Сега веќе има маски во аптеките. Денот го минувам прво со работа за фирмата, имам двор од три декари. Се занимавам кога ќе ја завршам работата кон фирмата. Не смее да се коси трева, да се сечат дрва, за во случај на повреда од тие активности, да нема други пациенти во Брзата помош заради пандемијата. Психички секој има мака да биде затворен дома. Од 13 март не сум излегол, само низ дома и во дворот. Фирмите што мора да затворат, кафетериите, рестораните, вработените се платени 84 отсто од плата, затоа што седат дома. Ги помага државата. Франција е социјална држава ги помага сите, најмногу загрозените. Има бенефиции за економијата. Донесоа закон, 300 милионии евра за помош, 45 милијарди плус ги ставија настрана за фирми кои ќе пропаднат, за државата да ги национализира и да му исплати на акционерите, само фирмата да не пропадни. Некои експерти кажуваат дека на крајот на мај можело да биде сé во ред. Тоа се прогнози како во кладилница. Никој не знае, можеби јуни, карајот на мај… Електронската дозвола за пазарење е до 300 метри одалеченост или 1 час дозвола на 24 часа да пазариш до хипермаркет, до 1 километар џогинг и до 10 метри одалеченост околу куќата за миленичињата.