УДАВЕН МАРИОВЕЦ

Тргнале еден ден неколку селани Мариовци да ловат риби на Црна. Ловеле што ловеле и си кинисале дома. На неколку чекори од реката некој свикал.

– Селани, ние ловевме риби, се буткавме низ водата, ама којзнае дали не се удави некој. Не че правиме лошо да се пребројиме – рекол еден.

Го одобриле сите предлогот и застанале, а предлагачот почнал да брои.

– Еден, два, три, четири… – дотерал до осум.

– Ние тргнавме девет, а се враќаме осумина – рекол вториот.

– Ами чаре – извикал првиот.

-Значи еден од нас се удавил – констатирал бројачот.

Почнале сите да бројат. Осум па осум. Ниеден сам не се броел.

Тргнале кон селото и заплакале. Еден се удавил во Црна, ама не знаеле кој е.

Оделе што пооделе, ги сретнал Пејо уплакани и прашал.

-Шо сте така уплакани, кршоборци?

Му раскажале дека еден се удавил, но не знаат кој е. Пејо ги прашал колкумина тргнале и веднаш разбрал. Но, решил да ги насамари за нивната глупост, па им рекол.

-Лесно че провериме, џанам. Легнете на песокот и забодете ги носевите во него. Колку дупки че направите, толкумина сте живи.

Легнале селаните, ги заболе носевите во жешкиот песок и направиле по една дупка. Кога станале, почнал Пејо да ги брои и излегле девет!

Се израдувале селаните дека никој не се удавил и му дале на Пеја од рибите да му платат за мудрата постапка што открил дека никој не се удавил.

Loading