ГРЕШКИ ОД СЕКАКОВ ВИД

ivce1На наша телевизија се емитува интересен квиз. Преземен од белградска телевизија. Гледачите го слушаат текстот на учесниците. Постои превод на македонски јазик. Читајќи го преведениот текст мошне често се среќаваме со неточни, многупати и со смешно преведени зборови или фрази. Во едно од прашањата во квизот требаше да се погоди името на извесна домашна птица. Тоа било, на српски, ЌУРАН. Нашиов преведувач ,,успешно,,, го превел зборот и ние читаме – ЧУРАН. Според него, на српски е ќуран а на македонски чуран. Заборавил човекот дека кај нас тоа е – МИСИР. Веројатно, според мислењето на преведувачот, женската (мисирка) би била ЧУРКА. На едно друго прашање во квизот требаше да се погоди името на извесен српски писател. Тоа бил Оскар Давичо. Не ни е јасно што го натерало преведувачот наместо Давичо да го пишува Давиќо. Да споменеме дека Оскар Давичо е Евреин.

Не ја следевме односната емисија од почеток и не знаеме точно за што станувало збор. Важно, се работело за средба на две групи или делегации, едната македонска другата хрватска. Пред почетокот се интонирале химните. Новинарката вели вака: ,,Средбата почна со интонирање на македонската и хрватска химна,,. Од ова излегува дека македонската химна е и хрватска. Придавката ,,хрватска,, неопходно е да биде членувана – ,,македонската и хрватската химна,,. Често се среќаваме со вакви грешки. На пример, слушаме многу често да се вели – ,,малите и средни претпријатија,,, како божем малите истовремено да се и средни. Треба – ,,малите и средните претпријатија,,.

Еве и една друга неправилна реченица. Во наредниот петок ќе се одржувала лидерска средба во рамките на дијалогот ,,Жан Моне,,. Ние слушаме, а и читаме долу на екранот: ,,Лидерска средба во петок во рамки на дијалогот Жан Моне,,. Исто така редовна грешка со предлогот ,,во,,. Вака како што е напишана реченицата, излегува дека таква средба ќе се одржува во секој петок. А овде станува збор дека тоа ќе биде во наредниот петок – ,,в петок,,. Исто така, именката ,,рамки,, треба да биде членувана ,,во рамките,,. Реченицата треба да гласи: ,,Лидерска средба в петок во рамките на дијалогот,,.

Слушаме, односно читаме, и ваква реченица: ,,Почитувана госпоѓо министер, ви се обраќам на вас,,. Еве уште една: ,,Оваа песна ти ја посветувам на тебе,,. Мораме уште еднаш да констатираме дека ова се недоследности од скопскиот говор. ,,Почитувана госпоѓо министер, ви се обраќам вам,,, а не на вас. Истото важи и за следната реченица. Не смеат да се прават вакви грешки. Чудно е колку често ги слушаме преку нашиве медиуми.

Слична грешка. Слушаме коментар на извесен новинар кој зборува за некој политичар кој, ете, имал намера да си задоволи некоја своја потреба. Новинарот вели: ,,Тој сака да ја задоволи својата и потребата на своите гласачи,,. Овде заменката ,,својата,, останува да виси, не знаеме на што се однесува. Таа мора да биде повторена. Реченицата треба да гласи: ,,Тој сака да ја задоволи својата потреба и потребата на своите гласачи,,.

Секој си ја фали својата работа. Политичарите тука се најгласни. Извесен заменик – министер зборува за успесите во неговиот ресор. Објаснува за изградбата (или за адаптацијата) на некоја трафостаница. Таа имала капацитет – ,,дваесет пута педесет,, мегавати. Така, дваесет пута педесет. За чудо, вакви грешки се мошне чести. Особено во чаршијата при разно – разни купопродажни дејства. Никој не вели, на пример, пет по седум, туку сите велат пет пута седум. Навистина чудно.

П.С.

Редовно ја слушаме именката ,,надокнада,,. Српска е таа именка. Во нашиов јазик тоа е ,,надоместок,,. И овде, како обично, своето го исфрламе, а го прифаќаме туѓото.

Loading