ДА СЕ ПИШУВА ИЛИ НЕ?

ivce1Повеќепати сме си го поставувале прашањето: Вреди ли човек да размислува за овие проблеми за кои пишуваме? Повеќепати и сме си одговарале дека тоа никому не му е потребно. Во овој сеопшт хаос во кој живееме, никој не размислува за јазикот. За нашиот јазик, за тој јазик што ни бил загарантиран, според искажувањето на политичарите. Но, како и да е, некој внатрешен порив нé тера да продолжиме со пишување. Можеби, сепак, ќе се најдат и луѓе кои ќе почнат да размислуваат дека јазикот не е најневажната работа. Нели надежта последна умира?! Еве, ќе набележиме некои грешки со надеж дека, сепак, ќе има некаква полза. Дека, можеби, ќе дочекаме време кога грешките ќе бидат сведени на најмала можна мера.

Судски процес. Обвинетиот имал здравствени проблеми. Адвокатот го брани. Вели: ,,Истиот треба да биде подвргнат на лекарски прегледи,,. Господин бранител! Како не ви падна на ум македонскиот збор ,,подложен,,? Обвинетиот треба да биде подложен, а не подвргнат. Можеби и вие ќе речете, како што велат мнозина, дека е важно да се разбереме, а не е важно каков збор ќе употребиме. Па, нели вие се борите за правдата?! Зар не ви е јасно дека ова е неправда? Неправда е и употребата на заменската придавка ,,истиот,, во ваква ситуација. Оваа грешка, во последно време, е премногу честа. Со неа (со заменска придавка) не може да се заменува именката или заменката. Реченицата треба да гласи: ,,Тој (не истиот) треба да биде подложен (не подвргнат),,. Истиот бранител продолжува, за да ја потврди здравствената состојба на обвинетиот, вели дека биле земени ,,узорци,,. Примероци господин адвокат, не узорци. Ајде, да ја повикаме еднаш правдата напомош.

Скопскиот говор! Ах, тој скопски говор! Зборува водителката за смртоносниот вирус. Зборува и соопштува дека тој веќе ,,земал,, 17 животи. Вели: ,,Вирусот зема 17 животи,,. Сака да каже дека вирусот ,,зеде,, ама во Скопје се вели (погрешно) ,,зема,,. Лекторот никаде го нема. Затоа редовно ќе слушаме: Земав плата, наместо зедов, ќе чуеме дека крадците земале од касата толку и толку пари, наместо зеле и така натаму. Има и една друга, редовна, недоследност во скопскиот говор, а ја слушаме редовно. Станува збор за согласката ,,Д,,. Понекогаш се среќава кога таа е удвоена ,,дд,,. На пример – одделно, поддршка и многу такви. Погрешно е кога слушаме наместо ,,поддршка,, тие велат ,,подршка,,. Каков несмасен израз! Беше ракометно првенство. Европско. Сопругата на извесен ракометар допатувала да го бодри сопругот. Спортската новинарка вели: ,,Допатувала да го подржи својот сопруг,,. А да го подржи и да го поддржи не е исто. Таа дошла да го поддржи, да го поддржува сопругот, а не да го подржи. Ова го слушаме редовно. Кога станува збор за удвоеното ,,дд,, (поддржи) треба да се изговара како едно продолжено ,,д,, а тие го читаат како да е едно. Затоа, наместо да го поддржи ние слушаме да го подржи.

Уште една грешка од спортските коментатори. Еден таков коментатор разговара со поранешен ракометар. Разговараат за младо момче кое било талентирано и почнало да игра ракомет. Коментаторот прашува: ,,Што треба да направи за да почне успешно да чекори по ракометните стази,,? Зошто ли му пречи македонскиот збор ,,патеки,, па употребува српски збор? И ние прашуваме! Колку години ќе му требаат на овој наш истакнат коментатор да зачекори по македонските јазични патеки? Да! Патеки се тоа кај нас, а не стази.

П.С Редовно слушаме! ,,Повредениот се опоравува и ќе почне да тренира,,. Никогаш не треба да се користи српскиот глагол ,,опоравува,,. Повредениот закрапнува или заздравува. Оваа грешка ја слушаме и од многу лекари кои зборуваат за своите пациенти.                       

Loading