ВОДИЦИ

ivce1Помина и годинава празникот Водици. Се фрлаше крстот во водите. Скокаа луѓето да го фатат (дури и со тепачки) а со тоа да ја дофатат и својата среќа. Кој ќе го фати ќе биде среќен. Другите, кутрите, ќе ја чекаат среќата догодина. И ќе им остане само студот. Интересно е тоа што на црковните луѓе годинава им паднало на ум дека глаголот ,,фрла,, не е баш соодветен кога станува збор за крстот. Навистина, тој збор, тој глагол, во многу случаи означува и тоа дека сакаме да се ослободиме од нешто што не ни е потребно: го фрламе ѓубрето, го фрламе отпадот и така натаму. Глаголот има и поинакво значење – фрлање камен, фрлање џуле, фрлање диск (како спортски дисциплини). И фрлањето на крстот во водата е такво дејство. Свештеникот го фрла крстот. За да не се поистовети со она значење дека се фрла нешто непотребно, почнало да се бара друг збор. Се определиле свештениците за глаголот ,,положува,,. Мислиме дека не го нашле вистинскиот збор. Положува значи дека нешто се става на определено место – ,,Го положи на земја,,. А може да се користи и во поинаква ситуација, некој може да положи заклетва, некој може да го положи испитот. Овие значења не одговараат за она физичко дејство што се извршува со крстот (фрлањето). Можеби би можело да се користи глаголот ,,уфрли,,. Можеби би можело ,,потопува,,, можеби ,,го потфрла,,. Овие се зборови кои сега ни паѓаат на ум, но никако не можеме да тврдеме дека се токму тие вистинските. Дејството кое го врши свештеникот, навистина е фрлање, но за да се избегне она непријатно значење, треба да се бара нов збор. ,,Положува,, не може да биде вистинскиот избор. Овде е потребна консултација со професионални лингвисти. Можеби треба да се изврши консултирање со лингвисти од Институтот за македонски јазик. ,,Положува,, не е и не може да биде решението.

Годинава на Водици свештениците имаа и други проблеми. Во Валандово фаќачите на крстот биле недисциплинирани. Скокале во водата и луѓе кои не биле пријавени. Свештеникот бил принуден крстот да го фрла трипати. Тоа го изнервирало. И слушнавме како се нафрла со погрдни зборови на тие недисциплинираните и ги нарече ,,багра,,. И тој ја утна работата. Во нашиот јазик овој збор го нема тоа погрдно значење. Зборот се користи мошне ретко, но тој означува ,,боја,, особено се мисли на црвеникава, пурпурна боја, онаа што ја гледаме при заоѓањето на сонцето. А она што го мислеше свештеникот е ,,џган,, а не ,,багра,,. Зборот означува презрена, одвратна, безвредна група луѓе. Ама, ете! Господ е милостив, а свештеникот не. Ја греши работата и со јазикот и со однесувањето. Ако! Ќе му прости Господ! Па тој е божји слуга, нели?

Задоцнето, додека сме околу Водици, еве нешто за фрлањето на крстот во Вардар во Скопје. Најсреќен беше Христијан Ниневски. Додека тој зборуваше за тоа колку е среќен и додека испраќаше поздрави и убави желби на сите, долу, на екранот, со крупни букви испишано: ,,Христијан Ниневски фаќач на крст,,. Како е можно ова? Навистина достага да му падне на човека. Национална телевизија! Телевизија ,,Сител,,! Толку ли не мислат тие луѓе и за јазикот. Како да е тоа професија – ,,фаќач на крст,,? Зар не им е јасно дека именката ,,крст,, мора да биде членувана. Тоа е определена именка. Точно се знае за кој крст станува збор. Не е тоа некое секојдневно фрлање на некојси крст. Овде се работи за Светиот крст кој свештеникот го уфрла во водата. Христијан Ниневски го дофатил точно тој крст. Реченицата треба да гласи: ,,Христијан Ниневски фаќач на крстот,, а не ,,фаќач на крст,,.

Уште една слична грешка. Чекаме да почне седницата на Собранието. На едната половина од екранот – фотографија од собраниската зграда, од другата половина текст – ,,Седница на Собрание на Република Северна Македонија,,. Се знае за кое Собрание станува збор. Именката е определена и треба да биде членувана – ,,Седница на Собранието,, а не ,,седница на Собрание,,. Овие грешки се мошне чести. Ова го диктираат скопските медиуми, а локалните лесно и непотребно го прифаќаат.

П.С.

Никогаш да не се користи придавката ,,одважен,, која многупати ја слушаме. Смел, храбар, решителен, тоа се нашите зборови.

Loading