Околу 250 пензионери кои не добиле поддршка од Здружението на пензионери пред новогодишните празници, а имаат ниски пензиски примања, ќе им се поделат околу 300 илјади денари или ваучери од по 1000 денари пред велигденските празници. Тоа е дел од ланската добивка на асоцијацијата на пензионерите во Прилеп, која лани работела домаќински и остварила профит од над 781 000 денари.
Инаку, и годинава за еднократна парична помош ќе издвојат 1,3 милиони денари. Ќе доделат 250 000 денари за бањско лекување и уште толку за новогодишни ваучери од по илјада денари. За средствата за бањско лекување одлучува Комисија. Веќе е распишан конкурс кој ќе трае 15 дена. На повеќето екскурзии низ земјава и една во странство лани патувале околу 2000 пензионери.
Здружението планира годинава да отвори два нови клуба во месните заедници Сточен пазар и Бончејца, чие реновирање е при крај.