ДАЛИ ДЕЦАТА ТРЕБА ДА ШУТИРААТ СО ГЛАВА?

Фудбал: Најнова дилема

-Забрана имало на тренинзите во В. Британија

Pobeda pioneri

Фудбалот е спорт кој цврсто се држи до традицијата. Но токму сега, по повеќе од еден ипол век од основањето на првиот фудбалски клуб, се најавува суштинска, коренита промена. Предлогот од Шкотска, прифатен од Англија и Северна Ирска, е: забрана за удирање на топката со глава во категориите до 12-годишна возраст. Идејата е заштита на најмладите фудбалери, имајќи ги предвид испитувањата кои покажувале дека топката била потенцијална опасност по здравјето, пределот на главата. Побаравме мислење од наш стручњак, координаторот на Младинската школа на Победа, Кирил Овезоски, кој го затекнавме како во убава атмосфера работи со пионерите на игралиштето со вештачка трева. Децата со задоволство ги извршуваа задачите.

-Во обуката, генерално во младите категории, играта со глава можеби е најмалку застапена и не гледам причина за нејзина забрана. Играта со глава е составен дел од фудбалот. Фудбалерите не смеат со рака, но затоа имаат дозвола да играат со глава и со други делови од телото. Да замислиме при долга висока топка да се избегне игра со глава, тогаш се пропушта до противничкиот напаѓач. За мене чудно е. Не ми е логично и не ми е прифатливо во обуката да не биде застапена играта со глава. Сум да се намали, доколу за тоа има основа во испитувањата, но да се исклучи целосно, не сум – ни рече Овезоски.

 Извесно е дека до промена тешко би дошло. Засега забраната е само за тренинзите, а играчите кои не вежбаат удар со глава, не е јасно како тоа ќе го применат на натпреварите каде не важи таа забрана. Трите држави од Островот предизвикаа дискусии низ фудбалскиот свет, но од ФИФА и УЕФА се уште нема реакција.

Брегалница гостува

Победа не ја оствари целта – трите бода, на гостувањето во Крушево со Питу Гули. Ремито (2-2) е постигнато со гол во 94-та минута. Имало снег и наместо во 14 часот, мечот почнал во 15.38 часот со траење до мрак. Прилепскиот тим сега мора да се вади против второпласираната Брегалница, в сабота на Могила.

Женскиот тим Деспина со 0-7 го совлада Љуботен во Тетово, а фаворит е и дома со Топ-Гол од Битола.

Напредок – Превалец

Продолжува Третата лига – Центар. В недела, на Могила, е дербито Напредок Крушеани со Превалец од Велес. Третиот го чека лидерот. На останатите мечеви, Братство во Лажани игра со Локомотива, Обршани гостува на Илинден во Башино Село, на вештачката трева се среќаваат Динамо Мажучиште – Ново Црнилиште, а Младост Кривогаштани е гостин во Марена.

Екипата на Големо Коњари, со новиот тренер Стево Иваноски, ја игра 19-тата третолигашка сезона без прекин, што е рекорд во Лигата. В недела е гостувањето кај Вардар во Неготино. 

Loading