СТАРЕА (стареи)

ivce1До кога со тие ,,препукувања,,? Во предизборен период, во време на избирање на Техничка влада, овој збор го слушаме толку често што човек навистина да се вчудовиди како е тоа можно. Како е можно да се употребува збор кој не значи ама баш ништо? Слушаме дека партиите се препукувале, министрите се препукувале со заменик – министрите. Сме пишувале повеќепати за овој апсурд но еве и повторно. Зошто се поведуваме по српскиот збор ,,препуцавање,,? Слушаме ваква реченица: ,,Препукување меѓу министерката Ангеловска и нејзината дополнителна заменичка,,. Каква несмасна реченица! Госпоѓа Ангеловска е министер за финансии, а другата госпоѓа е технички заменик-министер, а не заменичка. Меѓу тие две госпоѓи постоело некакво конфронтирање, некои меѓусебни обвинувања, но тоа никако не може да се рече дека е ,,препукување,,.

Ќе се оддалежиме малку од грешките што ги слушаме од новинарите и од политичарите. Сакаме да актуализираме еден збор кој е, речиси, заборавен. Во Режникот е зарегистриран, но со назнака дека претставува архаизам. Точно е тоа, но понекогаш и тие архаичи зборови можат да се користат во определени ситуации. Станува збор за именката СТАРЕА (стареи). Во некои одамнешни, детски години, сме го слушале, сега веќе го нема. Веруваме дека луќето од помладиве генерации воопшто и не го слушнале тој збор. Блаже Конески во песната ,,Црква, го употребува:

,,Крај таа црквичка

Во летни празници

На средсело,

На ледината

Ќе изнаседнеа стареите            

А пред нив се зафаќаше оро…,,

Во Речникот е објаснето дека зборот СТАРЕА значи старешина. Тоа е така само донекаде. Тие, стареите, навистина, на некаков начин се старешини, но тие не се избирани или назначувани од некого. Немаат тие некој статус, некое административно значење кое некој им го дал. Тоа се постари, авторитетни луѓе, ценети од околината. Тие обично седат на некое почесно место при евентуални собири од секаков вид. За време на селски слави, кога се оди колективно на гости во секоја куќа, тие луѓе седат на чело. Почестувањето почнува од нив, обично, стареите имаат главен збор. Ако треба, во таквите пригоди, да се запее песна, и тоа ќе почне од нив. Тие го диктираат целиот ритам на поворката од гости која оди од куќа на куќа. Даваме олку објаснувања зашто сме сретнале толкување дека зборот СТАРЕА значи старец. Не можеме да си спомнеме каде сме го сретнале ваквото објаснување, но тоа не е точно. Навистина стареа е старец, но не секој старец. Рековме, тоа се видни, почитувани, авторитетни луѓе.         

Во најголем број случаи, архаичните зборови се турцизми. Се разбира, постојат и други. СТАРЕА е наш збор, може да послужи во некои специфични текстови.

Се враќаме на секојдневните грешки. Поминаа 12 години од познатата хелихоптерска несреќа. Еве пак една нелогичност што ја слушаме мошне често. Презентерката вели: ,,12 години од трагичното загинување,,… Зар може загинувањето да биде поинакво, освен трагично? Нема некое комично или среќно загинување. Доволно е да се каже – 12 години од трагедијата или од несреќата, а не од трагичната несреќа или од трагичното загинуванњ. Ова го слушаме при сите сообраќајни несреќи. Трагична несреќа. Шом е несреќа, јасно е дека е трагична.

П.С Редовно слушаме – имајте пријатна вечер. Грешка! Тоа е наредба. Ви пожелуваме пријатна вечер! Глаголот ,,пожелува,, сосема го заборавивме, а е неопходен.                

Loading