– Женски бач во манастирот Св. Никола кај селото Прилепец
Во манастирот Св. Никола кај селото Прилепец живее пензионерката Трендафилка Јованоска. На возраст е од 74 години. Од дваесетина манастири во околината на градот само овде се одгледува добиток. Манастирската ,,економија,, располага со стадо од околу 200 овци. Двајцата овчари ги напасуваат, ги молзат и ги средуваат овците, плус одгледуваат и одржуваат педесетина кози.
За обработката на млекото, се грижи женскиот бач, мајстор, Трендафилка во манастирската мандра. Дарот на овците го претвора во вкусно мрсно сирење кое се топи во устата како крем.
-Од Дуње, мариовско, сум. Седум години ги бркам работите околу мандрата, молзењето, подготвувањето на сирењето. Готвам и за овчарите во манастирот. Дури помагам околу јагнењето, особено во периодот кога овците носат на свет јагниња. Работа има дење-ноќе. Нема толку многу млеко, но има друго. Напролет помагам околу стригот на овците. Позната ми е работава од мала. Откако се омажив во Прилеп, работев во конфекцијата Солидност. Пензионерка сум. Децата и внуците се в град. Одвреме – навреме доаѓаат во манастиров кој секоја недела е посетен од повеќе гости, планинари… Се движат луѓето, шетаат по планинава, си прават убава екскурзија. Па се молат во црквата. Заради убавиот и здрав воздух, имало детско одморалиште. Децата поминувале по десетина во конаците, оти се воздушна бања – кажува Трендафилка.
Ја знае дел од манастирската историја и минатото на месноста.
-Овде, на Свети Никола, изгинале и десетина партизани во борба со бугарските окупатори. Биле предадени од некој поп од Прилеп. Тука е споменичното обележје на загинатите, Димче Мирчески – Бањарот, Ристе Ристески – Ричко, Киро Фетак… Да не ги редам другите загинати – вели Трендафилка.
Управата се жали што овчарите не им ,,траат,,.
-Заминуваат, оти работата им била тешка. Управата добро плаќа. И пак заминуваат за кусо време. Ќе бараме да кандисаме некои овчари во некое кичевско село. Оти бегаат без причина. Не ги бендисувала работата. Управата не сака да го продаде стадото со овци. Што манастир ќе биде без добиток. Од средствата од педесетината канти убаво, вкусно овчо сирење се направени конаците и е крената трпезарија. За трите празници што се слават, Свети Никола, Талалеа и Мала Богородица доаѓаат по неколку стотини луѓе од секаде. Домаќините организираат богати средби, со музика дури и од Скопје. И сега има гости, ама поретко. Идат гости со ноќевање за 50 денари од ноќ по човек. Убаво се уредени собите. Гостите си прават јадења во кујната и уживаат во природата. Врват пријатни викенди со семејствата. Се преговара за асфалтирање на патот од селото Волково до манастирот. Подготвена е трасата. Се чека локалната самоуправа да ги почне работите – вели мајсторот Гоце од управата.
Манастирот Св. Никола е оддалечен 8,5 км од Прилеп. Пешки се минува за нешто повеќе од два часа. Испотените мераклии на планината и пешачењето се освежуваат со пресен планински чај, набран од падините на Селечка планина.
Трандафилка била ,,ветеринар,, при комлицирано објагнување на една овца.
-Спасив овца која се поду. Готова беше да се објагни. Но јагнето се сплеткало со нозете. Веќе беше мртво. Се штуткавме со овчарот, да бараме ветеринар. Немаше време. Додека да јавиме и да дојдеше ветеринарот од Прилеп, овцата ќе пцовисаше. Криво ми е за јагнето, но ми е ќеф што успеав да ја спасам овцата со ,,операција,,. Беше делумно успешна, оти јагнето пцовиса, но ја спасивме овцата – кажува Трена, како што ја викале и домашните.