На поклади,
Прочка секогаш е во недела. Се менува само датумот. Тоа е подвижен празник. Денот зависи од празнувањето на Велигден или седум недела пред Христовото Воскресение, кога почнува велигденскиот пост. Постењето почнува со безгранично проштевање и покајание. Откако ќе прости, човекот има кроткост, трпение, смирение,и човекољубие и добродателство.
Смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта. Проштевањето е резултат на љубовта. Прочка е празник и за покајание. Проштевањето е духовен пост, кој му претходи на телесниот пост. Со Прочка се чисти душата и се воздржува од сластите и страстите. Се простуваат грешките, навредите, омразата, пакоста, измамата, непочитта и лошото. Простувањето е бришење на сите навреди, лаги и клевети на другиот. Тоа е духовно херојство, растоварување на својата и туѓата душа од голема тежина. Им се проштева, и на непријателите и се чисти злопаметливоста.
На Прочка, помладиот бара прошка од постариот, синот од татко си, братот од брата си, ќерката од мајка си, снаата од свекрвата, сестрата кај сестра си и секој секому му вели: ,,Прости ми,,, а тој одговара: ,,Простено да ти е од мене и од Бога,,. Така прави секој, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот. Простувањето не е само со зборови, туку од срцето, од душата. Благопријатно е чувството на проштевање и прегратка. Облагородува и поттикнува на добродателство и душевна радост. Тоа е духовно миење. Се ослободува и оној кој пришол кон другиот и оној што простил.
Традицијата е богата и разновидна. Празник е на народот, затоа најмногу се проштева. Народот проштева покрај претрпените неправди. Така се правело низ вековите. Простувањето е силно чувство на слобода, ослободување од гревот со сите негови отрови. Тоа е готовност повеќе да не се греши. Исчезнуваат бесот и гневот и се вселува љубовта во душата. Да простиш, значи да не дозволиш во срцето да ти влезе лоша желба или да ти падне лоша мисла на ум. Да ти исчезнат лошите намери и планови. Очистеното срце се полни со љубов.
Негувањето на обичаите е семејна радост во топол и мил амбиент. За Прочка се прави заедничка вечера во семејството со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. Се затвора устата со бело јајце и на Велигден се отвора и се замрсува со црвено јајце.
Првиот ден по Прочка е чист понеделник кога почнал постот. На овој ден почнува очистувањето.