АНКЕТА: КАКО САКААТ ПРИЛЕПЧАНИ ДА ИЗГЛЕДА РЕКОНСТРУИРАНАТА СТАРА ЧАРШИЈА

Постојните травертински плочи во старата чаршија, ќе бидат заменети со гранитни. Со планираната реконструкција ќе бидат опфатени улиците ,,Републиканска,, на потегот од аптеката Зегин до крстосницата со ,,Борка Талески,, и дел од улицата ,,Херој Карпош,,. Идејниот проект предвидува и сите жици и кабли од кабловските оператори да бидат сместени во подземни инсталации.
Ги запрашавме прилепчани каков лик сакаат да има старата чаршија која е споменик на културата и како сакаат да биде уреден просторот околу градскиот саат?

СОТИР МИЦЕСКИ: Видов што направија претходните, а гледам што прават и овие сега. Една забелешка и за едните и за другите. Прават, купи ден – помини. Ако се прави нешто, треба да се направи здраво, да стои како што Саатов стои сто и кусур години. Не се редат плочки на никаква основа, на земја обична. Треба да се постави основа. Друго, шеталиштето првенствено треба да биде отворено, без овие поставени ,,чуда,, – кафиќи. Треба да биде шетелиште, а не шеталиште на кое не можеш да поминеш. Овде конкретно сега, не можат да се разменат од тројца фазла. Треба да е шеталиште, а не простор за кафеанџиите, да ни го забрануваат просторот. Живеам овде в центар. Сум бил во странство, цела Европа сум ја прошетал. Има ваква работа, но многу малку, пред кафеаните има пет – шест маси, а ова на што личи? Шеталиште е ова или простор за кафеанџиите да остваруваат приход и дел за Општината. Граѓаните што добиваат? Ни се забранува просторот. Ајде поминете во пазарен ден? И по тротоарот на булеварот? Шеталиштето да се направи како што треба. Прво да се стави здрава подлога, па мрежа со бетон 10 сантиметри, а после што сакаат нека стават, ќе трае години, години, со децении, векови.
ПЕТАР БЛАЖЕСКИ: Добро е просторот околу Саатот што ќе се направи. Но не можеш да поминеш од мопеди, моторчиња. Да се исклучат сите превозни средства од пешачкава зона. Со столициве, со масиве, тоа пак не личи на ништо. Не може да се замине, простор има толку малку. Сите треба да се тргнат. Зеле простор внатре од 50 квадрати, а узурпирале уште 250 надвор. Треба да се тргнат сите. Порано ова беше пешачка зона и така пак да биде. Да нема вакви објекти, да се исклучат превозните средства, дури и со велосипеди да не се поминува, а за мотори да не зборуваме.
ВЛАДО ВЕЛКОСКИ: Ова околу Саатот е срцето на градот, по центар не може да биде. Најважно е плочките да не лизгаат, ако се гранитни. Пречат сите со кафиќи што се излезени надвор, што е зафатен просторот за луѓето, пуштени се маси и столици. Треба да се тргнат.
ЛИЛА ПЕТРЕСКА: Пречат масите и столиците, некои се одма пред дуќаните, не може да се влезе, ниту излезе. Не само што тоа им се одразува на прометот, туку и за купувачите не е добро, да има пред нив вакви настрешници. Ако се местат нови плочки, треба сето ова да се тргни и да нема вакви.
![]()

