РАДОСТ Е ДА СЕ БИДЕ ВО НАШИОТ ВТОР ДОМ – СЦЕНАТА

Одблиску со дел од актерите за 70 години „Војдан Чернодрински“

ANSAMBL TEATAR 2020

Театарот ,,Војдан Чернодрински,, од понеделник одбележува 70 години од формирањето. Да се прослават седум децении не е ниту малку, ниту многу. Сепак театарот низ годините не знаел за застој. Секоја седмица, секој месец, секоја година, секоја деценија се релевантни во процесот на неговото созревање, репертоарско консолидирање и профилирање.

Низ годините се создавале различни генерации актери кои несебично ,,согорувале,, на сцената. Моментно се 18 актери кои го креираат репертоарот.

Актерот Марјан Чакмакоски од повозрасната генерација вели дека чувствата му се малку помешани, со оглед на неговите години.

-Од една страна среќа е да се слават 70 години од кои половината сум ги минал тука. Од друга страна тажен сум, бидејќи нема да можам да славам 100 години. Да се биде на сцената е радост, возбуда, затоа што ова е нашиот втор дом, нашиот живот, сон кој го сонуваме кој 10, 20 кој 30 години. Тој сон ќе го сонуваат и дел од помладите генерации. Прекрасно е да се биде и да се твори одново, одново 20, 30 или 40 години на оваа сцена – вели Чакмакоски.

Kover plakat teatar

Актерката Даниела Иваноска, која дојде од Скопје да игра на прилепската сцена, посочува дека е почестена што е дел од ова семејство.

– Го најдов ова семејство тука и за ништо не го менувам ансамблот. Имаме фантастична соработка. Колегите се прекрасни. Произведуваме квалитет и сме во дослух со современите текови на театарското живеење. Она што не боли е што славиме јубилеј на нешто што не постои. Не постои театар ,,Војдан Чернодрински,, а за зграда и да не зборуваме. Работиме во услови кои се под секое човечко достоинство. Дали ова некој некогаш ќе има сенс да го разбере и потребата што значи да се инвестира во културата не знам. По вокација сум оптимист, но толку ми станаа смешни тие муабети дека ќе бидеме театар и ќе имаме нова театарска зграда. Да останеме здрави и живи во овие нездрави услови во кои работиме. Но, факт е дека од квалитетот никогаш не сме изгубиле и нема да загубиме – вели Иваноска.

И актерот Игор Трпчески посочува дека чест и задоволство е да се биде дел од ансамбл дали една или 70 години.

-Честа е голема особено ако се има значителна почит и однос кон професијата. Секој јубилеј е важен дали првиот или стогодишниот особено ако се посвети внимание кон вистинските врендости, кон кои и понатаму безуспешно трагаме – додава Трпчески.

За актерот Зоран Иваноски да се биде од овој театар е привилегија.

– Ние уметниците имаме обврска да шириме некаква култура, уметност а не само да ,,дуваме,, во празно, како што велиме во Прилеп. 70 години е бројка која треба да се почитува. Имаме целонеделно изненадување за нашите верни гледачи. Се надевам ќе уживаат во програмата. И се надевам дека седумдесет и една година ќе славиме откако ќе станеме театар, бидејќи сега не сме – истакнува Иваноски.

`

Loading