Ж.Р.К. ДЕСПИНА ПОБЕДИЛА СО 20:32!!!

ivce1Грешки на сите страни, во сите области. Ако се има предвид дека некои се повторуваат, човек навистина не може да наваса и да ги регистрира. Овој пат ќе почнеме со некои чудни нелогичности во извесни написи од спортските коментатори. И во Зенит ги среќаваме. Грешките се од спортскиот новинар. Чудно е како се случило тоа да им избега од вниманието на редакцијата. Повеќепати сме среќавале вакви грешки, но сега, колку за илустрација, ќе приведеме само две. Ракометниот клуб (жени) Деспина постигнал успеси: ,,Откако со 23:24 го совладаа Кузман Вардар Илинден во Скопје, во вторникот забележаа успех од 20:32 со Ѓорче Петров во Скопје,,. Браво за успесите на Деспина, но зошто резултатите се изнапишани наопаку. Не може да се рече дека некој победил со 20:32. Тој што победува, ја носи со себе поголемата цифра. Значи, Деспина победила со 32:20, а не со 20:32 . Еве, во фудбалот: Вардар – Победа 1:2, значи победила Победа со 2:1, а не со 1:2. Банално е да го објаснуваме ова кое е толку јасно. Чудно е зошто овие грешки се повторуваат! Значи, не се случајни.

Постојат реченици во кои има зборови (обично предметот) кои треба да се повторуваат. Ќе приведеме еден јасен пример, но нема да ги споменуваме вистинските имиња. Еве, на пример (случајно) некојаси госпоѓа Стојна добила некои пари, а тоа се случило и со нејзините колешки. Еве ја незгодната реченица: ,,На нејзината и на сметките на нејзините колешки легнале толку и толку пари,,. Овдека зборот ,,нејзините,, останува да виси. Не знаеме на што се однесува. Дали на нејзината куќа, нејзината чанта, или којзнае уште на што. Затоа велиме дека предметот, зборот ,,сметка,, треба да се повтори за да биде исказот јасен. Вака би требало да гласи реченицата: ,,На нејзината сметка и на сметките на нејзините колешки легнале толку и толку пари,,. Јасно станува дека освен на сметките на колешките легнале пари и на нејзината сметка. Ако остане само ,,нејзината,, можеме да помислиме на сé и сешто. Сме слушнале и ваква реченица: ,,Нашите и австриските ракометари,,. И овде не е јасно што се и кои се тие нашите. Во ваквите случаи не е неопходно да се повторува предметот (ракометарите), туку треба тој да биде веднаш по зборот ,,нашите,,. Значи, ,,Нашите ракометари и австриските ќе се сретнат в сабота,,. Овде нема потреба именката ,,ракометари,, да се става по придавката ,,австриски,,. А исказот станува наполно јасен.

Постои една фраза, еден израз преземен од српскиот јазик и се користи мошне често. Се разбира непотребно и погрешно. Станува збор за изразот – ,,И те како,,. На пример: ,,И те како се ангажиравме за да го постигнеме тој успех,,. Или: ,,Тоа што го зборувате, не е точно, ова што го тврдам јас и те како одговара на вистината,,. Го слушаме ова мошне често. Тој израз кај нас би гласел – ,,и тоа колку,, а не ,,и те како,,. На пример: ,,И тоа колку се ангажиравме да го постигнеме тој успех,,.

Еве уште една редовна грешка. Грешка или грешки што ги слушаме на сите телевизии, од сите новинари, од сите презентери, од сите коментатори. Во овој случај коментаторот вели: ,,Ние овде во студиото,,… Ако е овде, значи е во студиово, а не во студиото.

ПС. Никогаш да не ја употребуваме именката ,,потешкотии,,. Тоа е непотребен буквален превод од српското ,,потешкоќе,,. Ако е некој проблем тежок за решавање ќе речеме дека имаме тешкотии, а не потешкотии.

Loading