ЖОЛТИЦАТА НАМЕНЕТА ЗА ДЕЦАТА?!!

ivce1Се појавила во Скопје заразна жолтица. Загрижувачка појава. Заразени биле повеќе деца. При ваквите појави, на сите телевизии, гледаме емисии. Во една водителка и гостинка. Ддокторката објаснува за причините и за последиците од болеста. Препорачува редовна хигиена. Објаснува дека жолтицата е од оние заразни болести кои се наменети за детската возраст. Ете, гледате! И болестите си имале своја намена. Некои се наменети за постари лица а еве, жолтицата била наменета за децата. Госпоѓо доктор! Не треба да се биде експерт за јазик да се протолкува оваа јазична глупост. Но, ете, разбравме дека и болестите имале своја намена. Деца, внимавајте, жолтицата е наменета за вас!

На дневен ред на Собранието на Македонија пратенички прашања. Прашувања, одговори, расправии, навреди и што уште не! Хаотично. Како што ни прилега нам. И новинарката што ја слушаме, приближно, вака ја објаснува атмосферата. Во еден момент вели: ,,Расправата се расплинува во партиски препукувања,,. Две грешки има во оваа реченица. Глаголот ,,расплинува,, нема место во нашиот јазик. За жал го среќаваме мошне често. Подолго треба да се објаснува за употребата (неупотребата) на овој српски глагол, но за да не се ,,расплинеме,, многу, ќе приведеме дел од дамнеќното толкување на Благоја Корубин. Да споменеме прво, дека во Тритомниот речник го среќаваме глаголот ,,распливне се,,. Објаснувајќи понашироко Корубин вели: ,,Каде што може, за ова фигуративно значење, не е лошо, туку, напротив, сметаме дека е дури и подобро употребата на глаголот ,,разводни,се,, како и на изведенките од него – ,,разводнет,, и ,,разводнетост,,. Според тоа, отфрлајќи ја употребата на српскохрватскиот лик ,,расплине, се,, ние можеме да прибегнеме кон два наши глагола: ,,разводни, се,, и ,,распливне, се,,. Првенство му даваме на ,,разводни, се; разводнет, разводнетост,,. Ете, така вели Корубин но новинарката не го прочитала тоа. Во истата реченица, рековме, се употребува и изразот ,,партиски препукувања,,. И тоа го слушаме мошне често. И тоа го преземаме, односно го преведуваме буквално од српскиот јазик. Се разбира без никаква потреба. Србите имаат именка ,,препуцавање,,. Кај нас луѓето го ,,преведуваат,, – ПРЕПУКУВАЊЕ. А што би значело тоа? Се разбира ништо. Може да се рече дека тоа било меѓупартиско напаѓање, навредување, спротивставување. Евентуално, би можело и меѓупартиска престрелка, ама ПРЕПУКУВАЊЕ – никако. Многу често се прават вакви грешни преводи, а новодобиениот збор го губи своето значење.

И нашиве спортски коментатори се вистински ,,мајстори,, за некои апсурдни изрази. Нашата Ракометна репрезентација се подготвувала за Европското првенство. Безброј пати сме слушале да се вели ,,Нашата најдобра репрезентација,,. Самиот збор ,,репресент,, (француски) значи претставник. Репрезентација исто така. А секоја земја се претставува со најдоброто. Не треба да се нагласува дека тоа е нашата најдобра репрезентација. Се знае, ако е репрезентација значи тоа е најдоброто што го имаме. Некаков предзнак може да се има ако станува збор за младинска, кадетска репрезентација и слично. Од ова што го слушавме излегува дека ние имаме многу репрезентации, па сега ќе станува збор за најдобрата. Нема друго! Репрезентација си е репрезентација. Најдоброто што го има секоја земја.

П.С

Не треба да се користи глаголот ,,одолговлекува,,. И тој е буквален и непотребен превод од српскиот јазик. Србите велат ,,одуговлачИ,, и ние – одолговлекува. Ако некоја работа се развлекува, долго се одвива, значи се одолжува или се развлекува. Никако – одолговлекува.

Loading