ЧЛЕНОТ И СИНТАКСАТА

ivce1Кои би биле основните карактеристики на еден јазик, или поконкретно, на нашиов македонски јазик. Се разбира, главниот момент е лексиката. Во најголема мера треба да се употребуваат наши зборови. Не постои јазик кој нема позајмено и туѓи, но тука треба да се има разумна мера. Ако влезе, или ако треба да влезе некој туѓ збор, тој мора да го помине нашиот јазичен филтер и да се адаптира според нашата јазична норма. Инаку, во главните карактеристики ги вбројуваме: акцентот, членот и синтаксата. Овие три нешта во нашата редовна комуникација се нарушени во голема мера. Со акцентот е ужасно. Особено кај политичарите. Чудно е тоа. Неверојатно. Непријатно е човек да ги слуша. Испаколичено акцентирање до крајни граници. Испуштањето на членот е, исто така, мошне опасна појава. Кој знае по кој пат ќе речеме дека потекнува од скопскиот говор. На телевизиските емисии тоа е честа или би рекле, редовна појава. Ќе приведеме само една (а ги има многу) таква реченица: ,,Сојуз на стопански комори,,. Од ова произлегува како да постојат многу, непознати, неопределени комори. И како да се работи за некаков Сојуз за некоја од нив. А не е така. Придавката ,,Стопанска,, мора да биде определена. Се знае дека станува збор на нашите Стопански комори, коморите од нашава земја. Затоа, реченицата треба да гласи: ,,Сојуз на стопанските комори,,. А сме сретнале и реченици во малку поинаква форма: ,,Претседател на Сојуз на стопански комори,,. Овде треба да се членува и именката ,,сојуз,,. Значи: ,,Претседател на Сојузот на стопанските комори,,.

Во делот на синтаксата мошне често се греши кога станува збор за прашалните реченици. Се заборава дека во нашиот јазик карактеристично е веднаш по прашалниот збор да доаѓа глаголот. Ќе приведеме неколку реченици од ваков вид: ,,Што Европскиот парламент очекува од Македонија,,? Видлив е погрешниот распоред на зборовите. Реченицата треба да гласи: ,,Што очекува Европскиот парламент од Македонија,,М оже и вака: ,,Што очекува од Македонија Европскиот парламент,,? И во двата случаја по прашалниот збор ,,што,, доаѓа глаголот очекува. Еве друг пример: ,,Да ве прашам, што тоа значи,,? Ова го слушаме од уредникот на ТВ 24. Го спомнуваме него, зашто како уредник на телевизија, воопшто не му прилега да прави ваква грешка. Реченицата треба да гласи: ,,Да ве прашам, што значи тоа,,?, а не ,,Што тоа значИ,,? Многу примери. Сите се поведуваат според српската синтакса. Србите би рекле: ,,Шта он пише,,? и нашиве луѓе: ,,Што тој пишува,,? наместо ,,Што пишува тој,,? Можеби некој ќе рече дека се ова ситници, но не е така. Се нарушува структурата на нашите реченици. Се нарушува она што е карактеристично за нашиот јазик.

Ајде и една грешка од поинаков вид. Често слушаме и такви грешки. Еве ја реченицата: ,,Изјавата звучи помалку театрално,,, а се сакаше да се каже дека изјавата звучи ,,по малку театрално,, а не ,помалку,,. По малку и помалку не е исто. Не знаеме. Можеби тоа било правилно напишано, а презентерката погрешно го чита, односно го изговара.

ПС

Еве пак нешто што не треба да се употребува. Никогаш немојте да ја употребувате погрешно придавката ,,останати,,. Еве пример: ,,Еден од повредените е задржан, а останатите се пуштени,,. Треба да се напише ДРУГИТЕ, а не ОСТАНАТИТЕ. Пак под влијание на српскиот јазик. Тие велат ,,остали” и ние ,, останатите,,. Не се тие никаде останати.

Loading