Гоце Неделкоски, професор во СОУ ,,Ѓорче Петров,, беше единствениот македонски професор кој учествуваше во панел дискусијата на пленарниот дел на меѓународната конференција во Торино, Италија во организација на Европската фондација за обуки ЕТФ. Тој зборуваше за имплементиран проект во неколку прилепски и други средни училишта од Македонија и за предизвиците со кои се соочувале и иднината на стручното образование.
-Проектот digitalschool.mk го имплементиравме со колегата Влатко Бутлески, професор во СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко,, и во 8 училишта за стручно образование и обука. Презентацијата беше избрана во делот успешни приказни. Проектот ги подобрува професионалните компетенции на наставниците и достигнувањата на учениците преку воспоставување нов концепт за дигитално учење и настава (концепт е-училиште) – изјави Неделкоски.
Во оваа дигитална ера, каде учениците секојдневно користат компјутери, паметни телефони и разни гаџети, наставниците од 21 век треба да усвојуваат нови наставни техники и вештини. Проект има активна платформа кој обезбедува модел за наставниците за нови дигитални техники кои можат ефективно да се применат во наставниот процес. Преку интерактивни часови, учениците имаат деноноќен пристап до материјалите за учење. Проценка е дека за учениците е полесно и поприфатливо за совладување на градивата преку тестови и квизови.
На платформата digitalschool.mk постојано се тестираат нови модули и приклучоци.
На конференцијата се резговарало и за влијанието на реформите во квалификациите и системите на земјите врз учењето и наставата, насоките за кариера и оценување, кои видови на вештини и квалификации им се потребни на луѓето и како ги стекнуваат, како треба земјите да ги менуваат наставните планови, наставата и учењето за луѓето да можат да имаат повеќе корист од вештините и квалификациите, како и тоа кои нови практики и алатки треба да се развијат.
Учествувале 250 учесници од Европа, Африка и Азија.
![]()

