НЕМА ПАРИ ЗА ГРАДИНКА ВО ТОЧИЛА?

Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Ане Лашкоска, пред ребалансот на буџетот

laskoska slika

Деновиве во Собранието на Р. Македонија во тек е расправа на комисијата за финансирање и буџет на која го разгледуваме ребалансот на буџетот за 2019-та година.

Јавниот долг во првата половина на 2019-та е зголемен за 600 милиони евра во апсолутен износ, нивото на реализација на капиталните инвестиции е на најниско можно ниво. Катастрофална реализација на капиталните инвестиции. Од тука се поставува прашањето за што оваа Влада ги трошела и ги троши парите? Согласно фискалната стратегија на Владата за 2020 г. е предвидено ново задолжување од 600 милиони евра, плус 500 милиони евра за градба на Клинички центар. Дали ова се ,,храбрите чекори,, кои ги најави Премиерот кога имаше желба да биде и министер за финансии кои ќе ја уништат Македонија затоа што за брзо време ќе биде надминат прагот од 60 отсто јавен долг во однос на бруто домашниот производ.

Дека институциите во државава се нефункционални, немаат никаква реализација на проекти доказ е и овој ребаланс. Тоа го потврдуваат и бројките. Имено, капиталните расходи заклучно со 8-ми месец се на ниво од 28,2 проценти од планираното. Илили заклучно со 8-ми месец се реализирани само 20 милиони евра. Тоа е доказ колку и како работи Владата, за жал, на штета на Р.Македонија.

Кажано со една реченица, овој ребаланс е доказ дека Владата на Заев која го проектираше сама буџетот за 2019 г. во кој предвиде проекти за кои нема никакви изгледи да отпочнат ни во наредната година (сега ги ребалансира тие средства кои беа предвидени за замислени нивни проекти или желби), нема капацитет, не знае да работи, а највероватно не ни сака да работи во интерес на граѓаните на Р. Македонија.

Како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и за овој ребаланс на буџет поднесов амандмани за проекти за централно ниво и за проекти во интерес на граѓаните на Прилеп, но и на Кривогаштани и Долнени. Пред да набројам дел од нив, потенцирам дека ниту еден од проектите за трите општини кои се дел од програмата на Владата не се реализирани. Оттука со колегата Стевананџија, со цел да ја потсетиме власта на дадените ветувања, а и да ги поттикнеме и да ги охрабриме да реализираат дел од ветените проекти, дел од амандманите се однесуваат токму за проекти кои се дел од програмата на Владата, а се однесуваат на овие три општини, кои сигурно дека сметаме оти се во интерес на граѓаните.

Со дел од поднесените амандмани бараме средства за Прилеп . Тоа се  изградба на спортска сала во ОУ ,,Кире Гаврилоски” и во ОУ ,,Блаже Конески,,. Бараме средства за реконструкција на старата чаршија.  Изградба на обиколница за поврзување на регионалниот пат Македонски Брод – Прилеп – Битола. Изградба на обиколница за поврзување на патот Градско – Прилеп – Македонски Брод. Еден од најпотребните проекти за граѓаните на Прилеп е изградба на детска градинка во Точила. Средства за нови противпожарни возила за Прилеп, Кривогаштани и др.

Во овој ребаланс не постојат ниту Прилеп, ниту Кривогаштани, ниту Долнени, ниту Новаци, ниту Могила… Тоа што е претходно изградено се распаѓа. Во текот на расправата ќе вложиме напор да ги убедиме колегите од власта да дадат согласност за реализација на барем еден од предложените проекти кои се во интерес на граѓаните на Прилеп и на другите општини.

Loading