ВОЗ НА МОСТ

Vagoni so vojska

Војска и патници често патувале низ тесната нестандардна железничка пруга од Прилеп кон Битола и обратно меѓу двете светски војни. Оваа траса била транспортна артерија за стоки, зашто ја поврзувала јужната српска бановина, денешна Македонија со Југославија, но и со Европа и со пристаништата на Грција. Вагоните не биле модерни и луксузни, туку соодветни на времето. Патниците се радувале на брзината на возот, која била далеку поголема во споредба со пајтоните, чезите или арабаџиските коли, кои носеле товар во Битола и подалеку. Малкуте прилепски занаетчии слабо пласирале стоки надвор од градот. Возовите носеле царевка, брашно, масло, шеќер и газија од побогатите делови на земјата. Домашните трговци или занаетчии па и сопствениците на мали работилници, транспортот на стоките го вршеле со коњи, магариња, со волови и маски. Единствено монополот испраќал тутун во светот со железница. И војските кои доаѓале во Прилеп ги користе патничките вагони. Некои се сеќаваат дека понекогаш на товарните вагони се превезувале и артилериски орудија, топови, потоа муниција, гранати. А мостовите, каде е фатен овој кадар, биле слаби, направени од дрво. Често машиновозачите на парните локомотиви се двоумеле дали да ја минат композицијата преку мостот на Црна Река кај селото Тројкрсти. Стравувале дека премините преку реката кои крцкале, можат да попуштат и композицијата да се урне во брзаците. Нема забележано некоја несреќа кај Тројкрсти, иако мостовите биле како од картон, а товарите тежеле од оловната муниција. 

Loading