На 17. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“
Во натпреварчувачкиот дел на 17. Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“ беше изведена и монодрамата „Пауна” по текст на прилепчанката Мирјанка Р. Селчанец, а во изведба на Сара Марковска. Режисери на претставата се Даринка Велкова Веслиевска и Сотир Чаушевски.
– Истата монодрама, во 2000 година во рамките на „Монодрамската недела на Мирјанка Селчанец” во Скопје, ја изведе Снежана Стамеска на сцената на Драмски театар, а истовремено во „Салонот 19.19″ во КИЦ се изведуваа мои други шест монодрамски дела од актерите: Мите Грозданов, Викторија Анѓушева, Душица Стојановска, Ацо Видиков – Лавот и Лилјана Стоилковска, актерка – аматер – вели Селчанец за медиумите.
Учествуваа претстави од земјава, од Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. До затворањето на весникот не беа познати добитниците на наградите за најдобрите театарски достигнувања на годинашното издание на Фестивалот кој заврши синоќа во предворјето на Ресенскиот Сарај.