Нова летна шема во градов
– Новоотворениот Пеинтбол таргет центар го посетуваат не само млади за забава и разонода, туку и доктори, попови, вработени од компании

Нивата од дедо му, од околу 4 декари на прилепчанецот Димитар Ѓорѓиоски (28) не е со ништо насадена, но му “фрла”. Без пот и мака, туку со идеја и инвентивност. Наместо да насади тутун или пак пиперки, Ѓорѓиоски искуството низ светот и она што го видел и пробал, го применува на дедовата нива крај родниот град. После неколку години во Америка, Германија, Франција, Црна Гора и Србија, заедно со девојката Викторија Иваноскиа и со сенс за бизнис, спечалениот некој денар го вложиле од пред скоро два месеци во првиот Пеинтбол таргет центар во регионов. Игралиште за забава или по старски кажано определено место со соодветна опрема за играта Руковис.

На ул. ,,Леце Котески,, на околу 4300 квадратни метри се поставени најактрактивни реквизити и модерна Паинтбол опрема за вистинско доживување, исполнето со многу адреналин, забава, тимска игра и дружење со пријателите.
-Ова е ново, а го има во Скопје. Сум го видел во Белград. Забавно рекреативен центар, за вистински авантуристи кои го сакаат чувството на зголемен адреналин. Место за забава и уживање. Теренот има разни видови на препреки направени од различни материјали како палети, гуми, сено, цигли итн. Подготовката траеше скоро една година, поминавме преку многу препреки за да биде единственото професионално игралиште во Македонија. За играта се потребни комплетна опрема, заштитни комбинезони, кацига, панцир и заштитни ракавици. Играчот добива 100 гумени топчиња со боја и оружје. Во игра се два тима со максимум 6 односно минимум три играчи во страна. Сакавме да им понудиме нешто несекојдневно – објаснува Ѓорѓиоски.

Паинтбол Таргет центарот како забавно рекреатовен простор е изграден според соодветните прописи, а гумените топчиња не можат да нанесат сериозни повреди, бидејќи се користи заштитна опрема, а во нив има гел. Работат 24/7.
– Доаѓаат за еден поинаков вид на роденденска забава, ергенска вечер. За моменти минати со колегите од компанијата во друго искуство. Се крши монотонијата од секојдневните навики. Има и летен бар, каде по играта учесниците може да се освежат со пијалаци по пристапни цени. Располагаме и со зона за набљудување. Може да се резервираат термини и во вечерните часови – објаснува Ѓорѓиоски.

Доѓаат посетители од соседните градови, особено од Битола. Коментарите на социјалните мрежи се бројни, бидејќи е нешто ново и атрактивно. Освен развивање на социјалниот елемент, дружењето и покревањето на адреналинот, причина повеќе е трчањето во природа, развивање на чувството за тимска игра и градење стратегија. Иако има периоди на седење додека се криете, има многу трчање, скокање за да се стигне до победата, да се развиве натпреварувачки дух.
Се зајакнува духот и се развива самодовербата. Во секој случај нешто несекојдневно кое, како што велат организаторите на играта, досега предизвикале внимание и кај лекари, професори, попови, кај повозрасни граѓани и тимови од компании…
Прилеп со игрите чекори кон Запад.

НАСКОРО ЗАБАВА И ЗА ДЕЦА
Планираат да ја прошират играта Пеинтбол таргет и за деца со што и тие би можеле безбедно да учествуваат во вистинската игра.
– Се подготвуваме и за игри за деца. Тоа е забавен и безбеден начин да им се овозможи на малечките со опрема да се играат во рамките на заштитеното подрачје под постојан надзор – објаснува Ѓорѓиоски.
Концептот е идеален за роденденски прослави.

Освојување на знаме
Постојат повеќе игри. Една е Освојување знаме. Се натпреваруваат две екипи кои имаат посебни бази еднакво оддалечени од центарот на теренот. Двете екипи имаат задача да го освојат знамето, и да го однесат во својата база. За да го освојат знамето, екипата мора да смисли динамична стратегија за успешно завршување на мисијата.
ШТО Е ПАИНТБОЛ?
Паинтбол претставува забавна игра со многу а адреналин и валкање со бои. Учествуваат два натпреварувачки тима во кои играчите ги елиминираат противниците, користејќи паинтбол маркет (пушка) полна со желатински капсули со боја “паинтбаллс” кои се распрскуваат при удар.
– Се формираат тимови, може да се одбере некое од нашите 8 сценарија (игри). Забавата трае од 30 до 90 минути. Прв пат Паинтболот е одигран на 27 јуни 1981 во Хенникер Нењ Хапсхире УСА. Од тогаш спортот Паинтбол се игра на 6 континенти со преку 100 милиони играчи. Бидејќи е екстремен и адреналински спорт лимитот за учество е над 14 години – вели Ѓорѓиоски.
![]()

