Занаетчиството од 1912 – 1939 г.

Општествените, политичките и економските прилики на Балканот во 19 век му овозможувале на Прилеп релативно засилен стопански развој. За тоа придонесувала географската положба во потесната околија, а и пошироко. Прилеп е сообраќајна раскрсница, врска со морските пристаништа Драч на Јадранот, преку Кичево и Дебар, Солун на Егеското Море, преку Кавадарци и Гевгелија и преку Битола со Солун. Прилеп бил поврзан и со Србија, Босна, Унгарија, Германија и Романија.
Во европска Турција, Прилеп бил еден од поразвиените градови. Трговците одржувале врски со Виена, Дубровник, Драч, Солун, Цариград и други значајни трговски места. Се одржувал голем трговски панаѓур, на кој доаѓала стока од Англија, Австроунгарија, Швајцарија, Франција и др. Геополитичката положба создала услови за развој и на занаетчиството. Производите се продавале низ сите градови. Занаетчиската дејност опфаќала околу 25 отсто од работноспособното население во времето на највисокиот степен на развојот. Во 1870 г. имало 491 занаетчиски дуќан, во кои работеле 1215 калфи, содветен број мајстори и чираци.
Општа карактеристика на занаетчиството е разновидноста и развиеноста, кои биле резултат на побарувачката и тенденциите за развој на Македонија. Во 1913 г. биле застапени многу занаети.
Имало 14 казанџиски и 2 калајџиски дуќани. Сите имале од 1-2 калфи, освен еден кој имал 6 калфи. Според податоците за време кога панаѓурот бил развиен и посетуван, имало 35 казанџиски дуќани. После опаднале на 25. Со толку казанџиски дуќани при крајот на 19 век, имало и ковачници на бакар. Овој метал бил носен како стар бакар од цела Турција, а бакарни трупци доаѓале од Германија. Стариот бакар бил претопуван и исковуван, а трупците исковувани во тенекија од кои се правеле разни употребни предмети.
Кога од Германија почнало да се увезува бакарен лим, наместо бакарни трупци, престанало собирањето на стариот бакар и ковење трупци, оти немало економска сметка. Останала уште една фирма отпорна на конкуренцијата.
Порано имало 150 калфи, а во 1913 г. само 30. Имало работилници кои ковеле и преработувале 10 илјади ока бакар во разни преработки, а по Балканските војни само 2000 ока. Поради внесувањето лим од Германија, голем дел од занаетчиите се преселувале во Скопј,е Куманови и други поблиски места за дотур. Останите 14 казанџиски работилници се одржувале со пониски цени на изработките и со пласман во Дебар, Охрид, Струга, Елбасан, Берат, Валона… Таму продавале повеќе отколку на месниот пазар. Цените биле ниски. За една ока преработен бакар се заработувало од 0,25-0,35 динари. Калфите биле релативно слабо плаќани – од 500-1500 гроша годишно без храна. Голем број од турското население имигрирало во Турција, со што заминал најголемиот потрошувач на бакарните производи. Куповната моќ била намалена меѓу другото население поради војните.
Имало и 20 кантарџиски дуќани. Се изработувале, покрај кантари, и тесли, секири, клешти, ножици, мали чекани, сантрачи, мистрии, чекани за коси, ковалници и сл. Секој дуќан имал калфа и чирак. Калфите биле плаќани по 100-1200 гроша годишно без храна. Мајсторите заработувале 2-3000 гроша годишно. Покрај занаетот, мајсторите имале и ниви. Особено, за време на собирањето на афионот – на катранот од него, мајсторите оделе в поле на собирање на афион. Занаетот одел добро, но кога почнала емиграцијата за Америка, калфите забрзано го напуштале занаетот да патуваат на печалба од другата страна на Атлантикот. Производите на кантарџиите најмногу биле носени на пазарите во Бугарија, Романија и во Солун.
Имало пет дуќани на петличари. Опаднал и овој занает со времето. Занаетчиите биле стари и не се обновувале со наследници. Развојот на производствените сили и фабричкото производство почнале да го истиснуваат овој занает. Дури постоеле, имало по еден чирак во секој дуќан – работилница. Изработувале, токмаци за кантарите, петлици, пупки за казанџиите, пагурчиња од олово, водови за воденици, потпирки, камен на камен и др.
Имало и 11 ќурчиски работилници. И овој занает опаѓал со развојот на производствените сили. Кога ќуркот бил многу баран и кога панаѓурот бил во својот процвет, работеле по сто калфи и повеќе чираци. Само во работилницата Фукара имало 50 калфи, за да останат само 11 калфи во сите 11 работилници во последните години. Се изработувале, штавеле и шиеле, крзна од лисици, парчиња од самури, нурки и се одржувале врски со целиот косовски вилает. Порано еден дуќан преработувал 5-6000 парчиња кожи од лисица и други кожи, а во тоа време околу 1500 од баган. Лисичките кожи поскапеле, поради што се намалила побарувачката. Покрај тоа почнала и конкуренција на ќуркот од други производи. Така опаѓал занаетот.
Имало 35 чевларски работилници, од кои 4 биле на Турци, а другите од Македонци. Десет дуќани работеле со по еден чирак, а другите имале по 4 калфи и по еден чирак. Кај овој вид занаети, се зголемувале работилниците од година во година. Порано го продавале производите и во Лерин и во Тиквеш, а во 1913 само во околината на Прилеп. Порано се набавувала кожа од Солун и од Битола, а тогаш само од Битола. Двајца производители на кожа имало и во Прилеп. Еден чевлар со 8 калфи изработувал до 15 чифта чевли дневно. Чифт чевли чинел 18-20 гроша. Калфите биле плаќани од 100-200 гроша годишно без храна. Тие не работеле на парче. Порано чевларот можел да заработи до 4000 гроша годишно, а тогаш 500-1000 гроша. И чевларите, како другите занаетчии, имале ниви, или, ако немале, изнајмувале од Турците да сеат афион. Кога афионот се собирал, дуќаните се затворале. Сите оделе на берба. Занаетот почнал да опаѓа со развојот на фабричкото производство.
![]()

