ЌЕ ПЛАЧЕТЕ НАД СУДБИНАТА

pismo-2

Вчудоневидено гледам како во грчкиот парлиамент се размавтува Ципрас со писмото на Никола Димитров во кое тој пишува дека етничко, македонско, не означувало националност, туку само државјанство. Со писмото го убедува грчкиот парламент дека не постои македонска нација. Во нашиот парламент истиот Димитров објаснува обратно. Невидена дрскост. Преспанскиот договор се доставува до секој Грк, а кај нас, скриен од народот и со европско знаменце, да се спречи расправа во парламентот.

Пристигна и двојазичноста и двонационалноста. На екраните летаат орли од највисоките владини функционери како израз на триумфализам, победа и подбив на тотално понижениот македонски народ. Кај некои еволуцијата на човекот трае најдолго. Сé е завршено, и тиранската платформ, и преспанскиот и бугарскиот договор. Оваа Македонија веќе не постои со сиот нејзин багаж – име, антика, историја, идентитет, археологија, книжевност… Губиме државен суверенитет и држава. Сето ова е подотворена врата за понатамошни промени. Македонија е фрлена на колена со апсолутно неизвесна иднина, со измамено, разочарано, но подосвестено граѓанство.

После сето ова слушаме за алтернатива. Алтернатива на растурањето на државата е зачувување на државата. Чувството на одговорност кон сопствениот народ и држава. Тоа е алтернатива. Народот го кажа своето на референдумот. Една власт со чесни намери, сакала или не, тоа мора да го почитува. Без никакви притисоци, надворешни или внатрешни, калкулации, партиски или лични интереси. Треба да се подизвади фереџето да се види вистината. Македонскиот народ е скромен. Од политичарите не бара да прават чуда. Само барем да не прават зло. Во медицината има еден израз кој треба да важи и за политиката. ,,Primum non nocere,, – ,,Првин да не наштетиш,,.  А тука е влез во НАТО И ЕУ во замена за распад на државата. Не, благодарам! Никогаш уценета Македонија! За чудо, не видов ниту еден пратеник да го напушти парламентот, поради нанесување на непоправлива штета на оваа држава. Како што се покажа, народот нема никаква корист ниту од професионалните Северномакедонци, ниту од оние што се по професија Македонци.

Сé е превртено наопаку. Никаква почит кон илјадниците жртви за Македонија. Терористите во парламентот решаваат за македонските бранители. Жртвата да се суди и страда, а агресорот да ја ужива славата на победата. Ако овие негативни тенденции набргу не престанат, неизбежно ќе пукне ,,тиквата,, без никаков сомнеж. Македонците се толерантни и трпеливи, но и жестоки кога ќе им пукне ,,филмот,,. Да бидеме внимателни, оти некои играат на нов конфликт за остварување на дефинитивната цел. Да беа мудри и да знаеле да расудуваат, би размислиле што ќе стане со нив. Речиси е надвор од човековата моќ да се отранат сите траги на ова зло. Абрахам Линколн рекол дека ништо не е докрај звршено, ако не е праведно решено. Бог е спор на гневот, но голем во силата. Нема да го пушти виновникот неказнет. Тој има свој план за својата Македонија. Затоа ја внел во Библијата.

Величенственото доаѓа кога во животот ќе направите нешто за својот народ и својата држава. Тоа не е само поголемо од вас, туку и ве надживува. За жал, од никој од вас во парламентот, тоа не го видовме. Не знам зошто. Воопшто ние имаме преговарачи за нешто друго од тоа што сме биле и сме. Зарем со милениуми кај нас била грешката, што нашиве ,,безгрешни,, ја исправаат? Зарем би требало и да им се извинат во име на милениумските жртви кои се бореле за Македонија? Не сакам мојот народ еден ден да се срами поради кусогледоста на еден грст луѓе. Ни ги затвораат вратите, но ни ги отвораат очите. Кај нас секоја власт е во право додека не падне. Кога неправдата станува закон, отпорот е обврска.

Прим. Д-р. Благоја Дамески

Loading