АЛКОМЕНА – АНТИЧКИ ГРАД КАЈ БУЧИН

Anticki most vo seloto Bucin

Алкомена е уште еден антички град од горното течение на Еригон (Црна Река). Според археолозите, се наоѓал кај селото Бучин. Како населба се споменува и во средниот век. Од античкиот град Алкомена потекнувал еден истакнат војсководач на војската на Александар Македонски со име Пејтон.

По горното течение на Црна Река егзистирале три населби. Една е  Стибера кај селото Чепигово, а другата е Алкомена. Населбата Бријанион се идентификува со древните остатоци од тврдина на локалитетот Градиште кај селото Граиште, Демирхисарско. Алкомена се препознава со остатоците од стара населба меѓу селата Бучин и Бела Црква. Траги има во разни форми меѓу двете села и на локалитетот Кале и Трновски Рид. Оттаму потекнуваат многу споменици од мермер и други археолошки предмети, монети… Малку истражувале археолозите. Податоците се црпат од историските извори, случајни наоди и честите ,,судири,, на населението за фасцинантните наоди, како што се помали и поголеми скулптури, разни фрагменти од керамички садови и сл.

Според античкиот писател Страбон, Алкомена бил еден од античките девриопски градови на Еригон. Девриопите се населиле нагоре на реката. Алкомена бил околу 6 км. западно од Стибера. Дека античката населба егзистирала потврдуваат и два натписи во селото Бела Црква. На едниот стои името на градот Алкомена, а на другиот населба се нарекува Коме, еден вид предградие. Во раната антика била град, а во римскиот период станала населба во рамките на Стибера.

Anticki naod kaj crkvata vo Bucin

Неколку мермерни споменици регистрирал охриѓанецот Димица. На една плоча со подолг натпис го има името на градот Алкомена. Вградена е во црквата во Бела Црква. Во ѕидот од црквата се вградени уште два мермерни споменика каде се споменува Алкомена. На двата натписа го има името на врховниот бог од антиката Зевс, односно, Зевс заштитникот на Собранието. И кај селото Плетвар се среќава претстава на овој бог на една карпа, на која е изработен во релјеф во помала ниша, а под неа стои натпис посветен на богот. Зевс се среќава и на други места низ Пелагонија. Тоа укажува на големото почитување на жителите на овој култ. Дека Алкомена бил голем град во антиката потврда се спомениците од околината. За две надгробни плочи со човечки фигури во релјеф во црквите Св. Димитрија и Св. Никола во селото Кривогаштани се вели дека потекнуваат од Бучин. Од Бучин потекнува и глинена маска пронајдена од некој жител на селото, кога од неговата нива фрлил цела запрежна кола таков материјал.

Жителите споменуваат мермерни споменици и скулптури. Судбината им е непозната. Во Бучин има стар мост од камен, кој е остаток од времето на големата градска населба. Остатоци се среќаваат на просторот околу Алкомена.

Античкиот писател Аријан го споменува офицерот Пејтон, алкоменеецот од војската на Александар Македонски. Не е сигурно дали тој потекнува од Алкомена, но веројатноста е голема. За тоа сведочи податокот дека Пејтон е Македонец. Дека Пејтон потекнувал од Алкомена голема е веројатноста и за археологот Фанула Папазоглу. Ако се потврди, тоа ќе значи дека населбата била град, а не населба пред Стибера.

Ридот кај Бучин располага со големи количества керамика и други археолошки антички траги. Има остатоци од стара тврдина, од разни градби од камен и сл. Тоа укажува дека највисокиот дел од ридот бил утврден. Источно има уште еден рид. И таму постојат траги од утврдување. Дивите копачи постојано ,,оперираат,, и на двата рида. Се гледаат големи раскопани дупки во потрагата по скриени богатства.

Kaleteo Alekomena

АРТЕМИДА ОД БУЧИН

Впечатлив археолошки предмет од Алкомена е претставата на божицата на ловот, Артемида, изработена во релјеф на еден сребрен медалјон. Наодот датира мегу 4 и 3 век п.н.е. во периодот на силната македонска империја. Изработката му се припишува на некој вонреден мајстор. Вакви медалјони се произведувале сериски. Еден од најголемите храмови на Артемида се наоѓал во градот Ефес, во Мала Азија. Под името Артемида Ефеска се среќава и кај манастиот Трескавец каде во антиката егзистирала населбата Колобаиса. Македонците во античкиот период имале посебен пиетет и ја славеле Артемида. Александар Македонски, при походот кон Азија, запрел во Ефес, кај храмот на Артемида и принесол жртва. Сликарот Апелј го насликал ликот на Александар Македонски во храмот на Артемида.

БУЧИНСКА СРЕДНОВЕКОВНА НАСЕЛБА

Во средниот век, кај Бучин егзистирала значајна населба од која денес селото го носи името. Во овој период Бучин била градска населба. Императорот Андроник 3 во 1330 година ги нападнал српските феудалци на територија со која владееле. При тоа го освоил и градот Бучин. Значењето на населбата почнало да опаѓа по турското завладување на Пелагонија.

Извор www.pelagon.mk

Loading