СРАМ ОД СЕБЕ

ivce1Одамнешно време. Југославија. Наш човек, Македонец, аташе за култура во југословенската амбасада во една соседна земја. Имало ситуации кога сме го посетувале неговиот дом. Две мали деца, помали од 5 години. Тој со нив зборува на српски јазик. Бевме малку изненадени. Го прашуваме, зошто? Тој вели дека по завршувањето на мандатот имаат намера да живеат во Белград. Му велиме дека тоа не е некој особен проблем, децата брзо учат и ќе го научат српскиот јазик. Тој вели: ,,Подобро е вака. Таму ќе бапнат некоја македонска, па другарчињата, а и возрасните, ќе им се смеат. А тие ќе се срамат,,. Слушаме внимателно, но во себе, не обзема некое непријатно чувство. Во подолгиот разговор тој образложи пошироко. Дека ќе им се смеат, и дека ќе се срамат се главните причини за децата да знаат српски. Значи не е причината дека децата наскоро ќе заодат на училиште, па подобро ќе ја следат наставата. Причината не е тоа дека децата побрзо ќе научат да комуницираат со своите другарчиња. Главната причина е во тоа да не се ,,бапне,, некоја македонска, па тоа да биде срамно и смешно.

Размислуваме тогаш, а и сега. До каде оди нашата инфериорност? И сега гледаме, луѓе кои најголем дел од животот го поминале овде, а не зборнуваат ниту еден македонски збор. Напротив, голем дел од нас, им зборуваме на нивниот јазик.

Еве, еден интересен случај. Извесна личност, не знаеме жена или маж, заинтересирана била да купува коса. Најверојатно за изработка на перики. Без никаков срам, без помислата дека некој ќе и се смее. Најпосле и без никаква одговорност и без никаква размисла и сообразување дека се наоѓа во друга држава. И речиси, на секоја трета бандера, излепила плакати. На нив пишува – ,,Купујемо косу,,. Од една страна дрскост, голема дрскост, а пак од друга страна, тотална инфериорност. Авторот на тој текст, на тој плакат со високо национално самочувствие, да не речеме препотенција, петпари не дава дека се наоѓа во друга држава, во друго јазично подрачје. За жал, или за срам, на нашиов човек воопшто не му пречи тоа. Дури и оние, евентуално, компетентни за тоа, не реагираат. Тоа не им значи ништо. Кај нас секој може да прави што сака. Би рекле, како во село без кучиња.

Пред некое време, на улицата ,,Димо Наредникот,,, се отвори, блесна нова продавница. Тоа е просторот од некогашниот салон за мебел ,,Симпо,,. Над влезната врата убаво напишана фирма. Се разбира со латински букви и на туѓ јазик. Внатре, навистина мошне убаво. Богат асортиман на производи, преубаво средено и мошне љубезни млади продавачки. Меѓу другото, прашавме една од нив, чија е оваа фирма. ,,Наша, прилепска,, – одговара шармантното девојче. ,,Добро, благодарам,, – и рековме. – ,,Помисливме дека е англиска,,. Немаше одговор или некаков коментар. Девојчињата (продавачки) се поднасмевнаа и се погледнаа меѓу себе. Најверојатно си помислија дека прашањето е непотребно или можеби дури и глупаво. Некаде, длабоко во себе, се обвинивме и себе си. Можеби дури и се согласивме со нивната евентуална констатација. Почувствувавме како да сакаат да кажат – ,,Глупаво прашање. Зар не гледате дека цел град е ,,накитен,, со такви фирми, напишани со латинско писмо и на туѓ јазик,,!

Навистина е така. Сепак, се прашуваме. Па нели секоја фирма треба да биде регистрирана во определена институција. Нашето скромно мислење е дека секоја фирма во Македонија, треба да биде напишана на македонски јазик. Очигледно, сме биле ,,јалнаш,,. Животот оди напред! Ние нема белки, да тапкаме в место.           

Loading