Ракомет: Тренерот Пеце Велјаноски со предупредување
-Прилеп беше фаворит дома со Борец и е на гости со Вардар ј.
По стартниот пораз 31-18 од Бутел во Скопје, екипата на Прилеп успеа да освои први есенски бодови дома против велешки Борец. Вториот меч е пореалното лице на прилепскиот тим. Првите впечатоци се на тренерот Пеце Велјаноски.
-Добро е што победивме, со оглед на лошиот почеток од. 0-3 и 3-5. Ниедна екипа не се потценува. Таман тајм-аут се подготвував да викнам, тргна подобро. Млада и неискусна екипа е Борец, а нашата е комбинација на млада и искусна. Пред првенството кажав дека гостите тешко ќе земаат бодови од Прилеп.
Новите играчи?
-Почнавме со новиот голман, младиот Алушовски. И домашниот Талески е млад, 18-годишен и им предиспозиции да стане понатаму се подобар чувар на мрежата. Им посакувам добра иднина, низ многу работа. Придонес дадоа бековите Органџиев, Мачавелов, заедно со другите домашни првотимци. Задоволен сум, но не сме подготвени 100 отсто.
Имате три бода, наместо шест?
-Се случи поразот на стартот од Бутел во Скопје, поради тој административен пропуст. Во таа ситуација подобро што одигравме без половина тим и загубивме, бидејќи ако настапевме комплетни ни се закануваше бодовна и парична казна.
Следи гостување на Вардар јуниор?
-Во Скопје, како и секаде, не одиме да загубиме, ами напротив – на триумф. Се надеваме на успех, но со респект кон домаќинот, кој има една победа со многу примени голови 41-38 (над Радовиш) и пораз од Струга.
Стартните две кола во Лигата?
-Рано е за оценки. Еурофарм го совлада Пелистер и тоа беше мечот што ја даде разликата меѓу двата битолски клуба, претенденти за врвот. И засилената Струга е со две победи, па ќе видиме понатаму што ќе се случува. За нас најважно е: прво да го обезбедиме опстанокот, дури потоа ако е можно да одиме нагоре.
Табела: Еурофарм и Струга по 6, Бутел, Пролет, Охрид, Прилеп, Вардар ј., Пелистер по 3, Радовиш и Борец 0.
Женска лига
Преслаб напад
Женскиот состав на Деспина по стартниот триумф дома над Овче Поле, врза два пораза, од Металург во Скопје и од Стружанка, дома. Непријатно изненадување е вториот, со оглед на тоа што е претрпен од екипа што повеќе години наназад не беше во Лигата. Гостинките со борбена игра водеа уште во првото полувреме, до израмнувањето и пресвртот 8-7 и по него, до еден гол позитива пред одморот. Во вториот дел разликата се зголеми до крајните 13-19. Одамна прилепскиот напад не бил толку слаб – со само 13 гола и тоа е главната причина за поразот. Во следното коло Деспина е домаќин на Вардар.
Табела: Металург 9, Куманово 7, Пелистер и Стружанка 6, Вардар 4, Гевгелија, Деспина, Спартак и Цемс 3, Овче Поле 0.