КУВАР И СМЕШТАЈ

ivce1На извесно семејство му се случил голем проблем. Му ја урнале бараката во која живееле. Сега му нуделе СМЕШТАЈ во дом за бездомници. Вака бевме известени од некоја наша телевизија. Зборот СМЕШТАЈ ни го сврте вниманието. Сме го слушале и другпат, а во приватни разговори, речиси, редовно. Тој збор, со таква форма, со таква наставка, го нема во нашиот јазик. Преземен е (погрешно) од српскиот. На семејството му било понудено СМЕСТУВАЊЕ во дом за бездомници. Му било понудено да биде СМЕСТЕНО таму. Може да се каже тоа и со други зборови, но зборот СМЕШТАЈ не оди во нашиот јазик. А да се употреби во ТВ емисија, тоа е голема грешка. Сличен е случајот и со зборот ЛЕЖАЈ. Го слушаме и во телевизиските програми и во приватни разговори, а и во разни реклами од страна на производителите и продавачите на мебел. Од глаголот ЛЕЖИ, кај нас може да се образува именка ЛЕГЛО, а не ЛЕЖАЈ. Соба со две ЛЕГЛА, а не соба со два ЛЕЖАЈА, како што слушаме редовно.

Во некои говори од нашава земја не постојат глаголи од групата ,,Е,,. Таков е прилепскиот говор. Токму тој, од централните говори, врз чија основа е изграден литературниот јазик. Во обичниот, локален говор, прилепчани не употребуваат такви глаголи (од групата (,,Е,,), но во литературниот јазик не може и не смее така. На пример, прилепчани не велат ,,може,, туку ,,можИ,,, не велат ,,јаде,, туку ,,јади,,. Во поширок извештај од Пивофестот, новинарот (прилепчанец) вели вака: ,,Сега можи да се јади,,. Не смее така. ТВ известувачите треба да зборуваат на литературен јазик: ,,Сега може да се јаде”,,. Тој, во понатамошното излагање, прави и друга, непростлива грешка. Опишувајќи ја убавата атмосфера вели: ,,На крај краева,,. И не само еднаш. Го повтори тоа повеќепати. Каде ли само го измисли?! Каква мана му најде на нашиот израз: ,,На крајот на краиштата,,? Можеше да рече и само: ,,Најпосле,,, или можеби уште поинаку. А, на крајот на краиштата, станува збор за одамнешен, искусен новинар. НА КРАЈ КРАЕВА! Чудно и несфатливо. Не можеме да ја откриеме потребата од ваков туѓ (српски) израз. Некогаш, во брзината кога е тешко да се најде соодветен израз, се случува да се позајми туѓ, па макар и погрешен. Но, случајов не е таков. Таква е само редовната негрижа за јазикот. Тоа од луѓе, во чиј занает, главен алат е јазикот.

Слушаме вести на друга ТВ. Известени сме за трагичен настан. Во Авганистан бил убиен македонски граѓанин. Презентерката објаснува дека човекот бил печалбар, а по професија бил КУВАР. Господи бре, боже! До кога? До кога ќе слушаме ваква тотална негрижа за јазикот? Па каде е лекторот? Зошто вакви, ноторни грешки, не се санкционираат? Па нели тој човек готвел јадења? Па нели тој што готви е ГОТВАЧ, а не КУВАР? Го слушаме ова и од други луѓе. Дури и од човек кој ја објаснува својата професија, вели дека е КУВАР. Ајде, тие луѓе, под влијание на српскиот јазик велат така, ама на телевизиска емисија тоа не смее. Вакви грешки сме слушале, или редовно слушаме, во оние емисии во кои станува збор за разно-разни рецепти за приготвување храна. Колкупати сме слушнале (од водителот) дека тоа и тоа јадење се подготвувале на таков и таков начин? Уште не сфатија дека кога станува збор за храна не може да се употребува глаголот ,,подготвува,,. Храната се ГОТВИ или се ПРИГОТВУВА, а не се ПОДГОТВУВА. Имињата на артиклите од кои се приготвува храната, да не зборуваме. Се прави ,,турлитава,, од грешки.

Loading