Миле Талевски- претседател на ОО на СДСМ
Македонија во минатото помина низ многу крстопати и во клучните моменти, секогаш избираше иднина. Денес сите сме горди на Илинден, на АСНОМ и на Референдумот од 1991 година, како најважни историски моменти од борбата за нашата независност и државност. Избравме самостојност, мир и стабилност. Избравме да бидеме дел од демократскиот свет за да создадеме можности за подобар живот за нашите деца.
Со гласот ,,ЗА,, на референдумот на 30. септември го продолжуваме историскиот континуитет за македонска државност и ги реализираме децениските стратешки интереси на Македонија за влез во двата најмоќни сојузи во светот, НАТО и Европската Унија.
Со Договорот што го постигнавме го расчистуваме патот на Македонија за влез во НАТО и за почеток на преговори со ЕУ. Но, овој Договор истовремено го потврдува нашиот македонски идентитет. Ние сме Македонци и секогаш ќе бидеме Македонци. Нашиот македонски идентитет и јазик, нашите граници, знаме и химна, ќе бидат засекогаш признаени, заштитени од целиот свет и неоспорувани повеќе од никого. Членот 7 и членот 1 од Договорот го гарантираат сето тоа.
Сите ние знаеме дека договорот го постигнавме преку тешки преговори, во кои дојдовме до прифатливо решение за двете страни. Свесни сме за влогот и знаеме дека ова е реален влог во иднината на нашите деца и поколенија. Затоа избираме да одиме напред кон сигурна иднина. Не сакаме да останеме заглавени во неизвесност, ризик и изолација.
Членството на Македонија во овие сојузи гарантира повисоки приходи за граѓаните, поголеми инвестиции и нови работни места. Обезбедува поголем и стабилен пазар за домашните фирми, економски развој и подобар живот на сите наши граѓани и за сите наши деца. Добиваме сигурност и безбедност на граѓаните и заштитата на државните граници, правна држава, добро управување и поголема граѓанска контрола врз власта, држава во која владеат редот, законот и европските правила. Влегуваме во Унија од 500 милиони потрошувачи или 250 пати поголем од пазар од нашиот, домашен. Тоа значи сигурен пласман и зголемен извоз на македонските производи со загарантирано повисока цена. Вкупната годишна ЕУ помош за Македонија која што сега изнесува 90 милиони евра, односно 260.000 евра дневно, значително ќе се зголеми. Се зголемуваат фондовите за развој на земјоделието за инфраструктурата, за улици, патишта, градинки, училишта, железници. Се зголемуваат и средствата кои нашите пријатели од Европа ги издвојуваат за реформи во македонското правосудство и македонската полиција. Со сето тоа градиме држава по европски правила и стандарди со која сите ќе се гордееме.
Да ги земеме во предвид примерите со земјите од соседството, во Бугарија просечната плата порасна двојно по влезот во ЕУ и НАТО, а невработеноста се намали на 5 отсто. Странските инвестиции се зголемиле за 3 до 5 пати. Во Романија просечната плата порасна за 400 проценти, а невработеноста се намали на 4 отсто, а во Хрватска вработеноста кај младите се зголеми од 26 на 43 отсто.
Убеден сум дека референдумот на 30 септември е историски момент што е поголем од секој од нас, од нашите партии, кавги или лични интереси. Сега ја имаме шансата да се издигниме и да се обединиме како граѓани во интерес на иднината на нашата Македонија. Ние можеме да имаме политички разлики и да продолжиме со нашите секојдневни политички битки. Но, за иднината на Македонија сите заеднички треба да го дадеме својот придонес. Не смее да има неодговорност кога е во прашање иднината на Македонија. Референдумот е наша историска шанса да ја донесеме Европа тука во Прилеп и во Македонија. Да го запреме трендот на иселувањето на нашите млади и да им овозможиме исти услови и можности какви што уживаат младите ширум европските земји. Не можеме и не смееме да чекаме уште 27 години. Имаме обврска како генерација да обезбедиме подобра иднина. Затоа, секој граѓанин треба да излезе, да гласа и со тоа да одлучува за иднината на Македонија. Само тие кои ќе излезат да гласаат имаат можност да одлучуваат. Нивниот глас ќе се слуша. Мнозинството ќе одлучи. Само со излегување и со гласање може да се влијае врз одлуката, а после референдумот, пратениците во Собранието треба да ја почитуваат одлуката на мнозинството од граѓаните кои гласале.