ЗАБЕЛ

ivce1Помладиве луѓе ретко кој слушнал и ретко кој знае што е тоа ЗАБЕЛ. Постарите го знаат тоа, а го знаат и помлади од селските подрачја, од оние што живеат во планински предели, таму каде што има шума. Што е тоа ЗАБЕЛ? Како што постојат (во рамнинските предели) ниви, ливади, бавчи и друг вид имот кој припаѓа на определени сопственици, така постојат и делови од шуми кои се приватна сопственост. По планинските села луѓето имаат своја шума. Ја негуваат, ја кастрат и сечат дрва за сопствени потреби. Тоа е регулирано со закон. Тој дел на сопствена шума се вика ЗАБЕЛ. А што значи тој збор? Зошто таа шума се вика токму така ?

Одамна, многу одамна, Благоја Корубин, во ,,Јазичното катче,, што го уредуваше во ,,Нова Македонија,, имаше свое толкување. Сме ги заборавиле деталите Сепак останало нешто во сеќавањето. Знаеме дека нивите се обележани со меѓи, градините се заградени со огради, на ливадите се ставаат потки. Кога ќе дојде време во ливадата да не смее да се пушта стока, се ставаат определени знаци – ПОТКИ. Обично некакви колје обвиени со слама за да бидат видливи. Како се обележува забелот? Во Речникот (тритомниот) регистриран е зборот ЗАБЕЛ без некое објаснување. Даден е само српскиот превод – ЗАБРАН. Така се викал во Србија. Сме го сретнале тој збор и кај нас во некој текст од Чернодрински. Сега тоа не е важно. Важно е дека зборот ЗАБРАН (без разлика дали е само српски) означува еден поширок поим. Тоа може да се однесува, не само на забел, туку и на нива, на бавча, на ливада, и на се каде што е забрането да влегува стока или да се извршува некое друго недозволено дејство. Од забелот е забрането да сече дрва некој друг, но и од градината е забрането да бере некој друг кој не е сопственик. Значи, мало е, скудно е објаснувањето во Речникот што е тоа ЗАБЕЛ. Нé интересира етимологијата, потеклото на зборот. Токму тоа го објаснуваше Благоја Корубин во ,,Јазичното катче,,. Се присетуваме на неговото толкување. Објаснуваше тој дека и забелот, како и секој друг приватен имот треба да биде обележан на некаков начин. За да се обележи забелот, сопствениците ја наоѓаат границата, местото до каде е нивниот забел. Тука сечат од дрвјата по таа редица, за да се разграничи од некој сосед. Сечејќи ги така дрвјата ги зашилуваат на горниот крај, на височина од метар и половина или можеби два. Така изделкани, зашилени, дрвјата стануваат бели, се белеат. Бидејќи на таков начин забелува границата се добил зборот ЗАБЕЛ. Приближно, вака гласеше толкувањето на Корубин. Признаваме дека не сме баш многу уверени оти зборот ЗАБЕЛ се родил токму на ваков начин. Корубин имаше обичај и да се изјасни за некоја работа во која не е сигурен. Да каже дека тоа е само можна варијанта, само претпоставено мислење, и така натаму. Не си спомнуваме дали во овој случај имаше евентуално такво колебање. Но, нам ни останува колебањето. Не сме сосема уверени во толкувањето

Знаеме што е тоа ЗАБЕЛ, но зошто се вика токму така, не сме сигурни.

Еве сега една груба грешка која често ја слушаме, а никогаш не треба да ја правиме. За што станува збор? Од Република Косово бил назначен нов амбасадор во Македонија. Реагирала Заедницата на Турците. Дотичната личност не била пожелна. ДОТИЧНА ЛИЧНОСТ! Оваа грешка ја слушаме мошне често, и во телевизиските емисии, и во искажувања на многу политичари и експерти од разни области. Го нема тој збор во нашиот јазик. Може да се рече дека споменатата личност не е пожелна. Уште поточно е ако се каже ОДНОСНАТА личност. Значи, несогласувањето се однесува на таа личност. Србите би рекле: ,,Што се тиче тога…,,.  А на македонски, тоа би гласело: ,,Што се однесува за тоа…,,. Постојат повеќе такви примери. За жал, постојат многу примери кои можат да се набројат за непотребната употреба на овој српски збор.

И не е само тој и не е само еднаш. Безброј! На сите медиуми, во сите области. Постојано и насекаде.

Loading