ЗНАЦИ НА ПРАИСТОРИСКИ РИТУАЛИ КАЈ ИСПРВЕН КАМЕН

ispraven kamenКАЈ СЕЛОТО ВОЛКОВО

На околу 500 м. северно од селото Волково се наоѓа осамена исправена карпа со домороден корен, која претставува мегалит. Поради ваквата форма, местото е познато како Исправен камен. Искористена е природна форма на карпата, при што е можно нејзино дообликување во сегашната форма.

Се забележува дека карпата била објект на извесна општествена или култна примена. Од двете страни на менхирот, на вертикалните површини, има по една издлабена дупка во која можеби стоеле извесни колови. На ниската карпа со површина од околу 3 м2, се наоѓаат голем број кружни и надолжни длабнатини чиј распоред тешко се идентификува да се долови извесна артикулација. На северозападната вертикала се забележуваат и неколку помали длабени форми, крај левиот раб, кои водат косо кон врвот на карпата. Речиси веднаш до северната страна, се наоѓа уште една помала карпа, со видно зарамнет горен дел, но нејзината форма е нарушена со откршување на дел од неа во минатото.

Крај самиот менхир, карпа, од една диво раскопана јама, во неговата основа излегле фрагменти од керамички садови. Според украсувањето, изработката и квалитетот укажуваат на праисторискиот период од енеолитот до бронзеното време, односно од 3 500 до 1 200 г. п.н.е. Тоа упатува на констатација дека во овој голем временски период во праисторијата или во дел од него, менхирот значел централен објект на извесно култно или општествено случување. Не треба да се заборави фактот дека се наоѓал во заокружување на голем број населби од разни периоди, меѓу кои и во праисторијата.

ispraven kamen 2Локалитетот Мечка, во атарот на селото Селце, кој има остатоци од значајна праисториска населба од енеолитот се наоѓа на околу 2 км северно, а траги од праисторија има и на локалитетите под селото Прилепец, Безистен, пронајдени се предмети од бронзеното време и Долишта – пронајдени се археолошки наоди од архајскиот период. На локалитетот Змијарникот, во подножјето на Дренска Планина, во близина на тврдината Марков Ѕид, се среќаваат фрагменти од керамички садови со белези од бронзеното време. Траги од населување има и во непосредна близина на менхирот, од неговата источна страна каде има и забележителни длабени форми по карпите, јужно од него, на локалитетот Долишта, како и на локалитетот Каракамен, источно од менхирот, каде можат да се сретнат голем број траги од интервенции по карпите, керамика и сл. Слични траги има и на други места во поблиската и подалечната околина. Тука се двата камени објекти, винарниците, една антропоморфна стела и мермерните споменици во кругот на селските гробишта во Волково и низ селото, што укажува на тоа дека овој менхир во еден момент од праисторијата, се наоѓал во простор во кој владеела исклучителна живост од човечко присуство. Во такви услови каменот имал особено значење за жителите на некоја од блиските населби.

Loading