Прилепчанката Маријана Ѓорѓиевска ги искачува планинските врвови
„И конечно на врв, за себе, за Прилеп, за Македонија! Но, најмногу за Мамути“!
Вака на својот Фб профил напиша Маријана Ѓорѓиевска од планинарскиот клуб Мамути која на 1 септември се искачи на Цугшпитце (2,962м), највисокиот врв на Алпите во Германија. По дожд и студено време. Го развиори македонското знаме. И кратко додаде. ,,Единственото сонце кое ме грееше и ми даваше сила. После 18 часа јака ферата и дожд – 2962 мнв!,,.
Беше единствен планинар од Македонија. Опремата не издржала. Била водена до кожа. Одела по сајла, преминувала глечер, прескокнувала пукнатини. Немало рамнина, ниту сонце.
Ова е нејзин последен подвиг во посетување на планинските височини, по што на социјалните мрежи следуваше лавина од пофалби, честитки дека за неа нема граници, а некои ја нарекуваат и амбасадорка… Колку што било тешко да се оди нагоре, уште поопасно за назад. Слегувањето било тешко, исцрпувачко, без доволно светлина…
Додека нејзините врсници уживаат на некои од морските песочни плажи, Маријана Ѓорѓиевска се фаќа во костец со предизвикот. Или како што се прашува – Што е животот без малку ризик? Некогаш и повеќе, затоа што искачувањето на плалнинските врвови носи опасност, бара физичка подготвеност и концентрација. Затоа што секој погрешен чекор може да биде кобен. Ја грееше македонскот знаме, затоа што дождот се претворил во снег, а температурата се спуштила на пет степени под нулата. Меѓу осумте вљубеници на планината, кои се упатиле кон највисокиот врв во Германија, само таа била од Македонија.
– Поради поројниот дожд батериите на сите ни беа празни, опремата не издржа, бевме водени до гола кожа. Патеката вклучуваше одење по сајла, искачување на вертикала, употреба на техничка опрема, преминување на глечер, прескокнување на пукотини – буквално имаше се само немаше рамнина и немаше сонце. Секој нормален човек би се откажал. Наместо 6 саати, ни требаа вкупно 18 часа да се искачиме до врвот и да се вратиме до планинарскиот дом. Силниот дожд тежината на самата ферата дупло ја зголеми. Од врвот само еден се откажа и се врати со жичара до Гармиш. Слегувањето беше тешко, исцрпувачко, без доволно светлина. побрзо се движевме, баш како што пресметавме, глечерот го поминавме со дневна светлина, но покрај ноќта се појави и маглата кој ги сокри нашите отпечатоци по патеката кои вклучително со уште 5 Германци беа единствени тој ден. Првпат се соочувам со толку тешка ферата! Прекрасно искуство – раскажува Ѓорѓиевска !
Студеното време и опасностите ги замениле убавите чувства и сликите кои се протегале од прекрасен ресторан на самиот врв до кој се одело со жичара.
– Кога со Србин се појавивме на врвот, посетителите и вработените не веруваа дека доаѓаме преку Ѓаволската долина. Нивното работно време веќе беше завршено.Кога нé видоа, ни ги отворија вратите на ресторанот и не услужија со пица и пиво. Германците се чудо од луѓе! По саат ипол ни се придружија и остатокот од екипата – вели таа.
Бидејќи дождот не престанал да врне, го одложиле искачувањето на вториот врв Алшпиц. Го посетиле и Кањонот Холенталклам кое било едно од највозвудливите места во Германија.
– Планот се промени. Наместо да го качуваме врвот Алшпиц, поминавме низ возбудливиот кањон Холенталклам. Се сместивме во истоимениот дом на 1.387 мнв. Силен дожд не следеше цело време. Поради тоа кањонот го доживеавме во неговата природна форма, како да бевме и ние дел од него. Искрено, таква убавина до сега немав видено! Домот во кој се сместивме беше нешто невидено, беше полуксузен и подобро среден и од оној на Мон Блан – Де Гуте. За среќа се заврши во најдобар ред. Се вратив во мојот Прилеп, уморна, но среќна, побогата за уште едно искуство и желна за уште врвови и вакви авантури – објаснува таа.
За Маријана август е месец за одмор и рекреација. Но, не во сини води, туку во сините височини кои ги нуди единствената глетка на височина од неколку илјади метри каде планинските врвови играат танц со облаците. Таа во август минатата година се искачи на највисокиот врв во Франција, Монблан,. Ја сака планината и височините.
Со умешност и љубов ги искачила Олимп, Мусала, Маја Језерце, Боботов Кук, Каранфили, Полукс, како и Елбрус, највисокиот врв во Европа.
Трета среќа за Триглав
ЗАТВОРЕНИ ПЛАНИНСКИ ВРАТИ ВО АВГУСТ
Од 24 август до 3 септември за време на авантурата требало да се искачат 4 врва: во Словенија, Триглав 2.864 мнв, во Србија, Трем 1.810 мнв и два во Германија, Алшпиц 2.628 мнв и Цугшпиц 2.962 мнв и да се прошета кањонот Холенталклам.
– Временските услови не дозволија. Нема разочарување, бидејќи планините се тука. Треба трпеливо да чекаме. Триглав двапати во август ми ги затвора вратите и не ми дозволи да го посетам. Овој врв го оставам за 2019 година – вели Маријана.
ПРВА НА ВРВОТ ТРЕМ
Прва го искачила врвот Трем на Сува планина во Србија, на 1.810 мнв во близина на Ниш на 29 август.
– Врвот Трем има прекрасна патека која води низ корија. Потоа се оди по самиот гребен на планината при што се преминуваат 4 тераси. Поради недостатокот на време, ја поминавме пократката патека, а постои можност за движење по целиот гребен на Сува планина. Покрај Трем, се искачуваат и Соколов камен и Мосор. Прекрасна планина со добри видици. Повторно би се вратила – вели Маријана.