Оваа Македонија не ја штедела судбината. Спечалена е со илјадници жртви, запустени огништа, прекинати семејни лози, затвори и илјадници сираци. Преживеала разни премрежја, вклучувајќи го референдумсково. Минатото е непроменливо, затоа не се чепка во антиката, ниту во историјата, јазикот и идентитетот. Иднината се остава на разумните и чесните. Оставете ја на логиката и законот. А логиката вели дека за значајни одлуки првин се консултира народот, како највисок одлучувачки фактор, потоа парламентот и владата. Обратните случувања се незаконски. Валканици се излеваат на површина и добро се гледааат. Кога се качувате на ридот не ја гледата другата страна, провалијата што лежи во подножјето. Речете им на Французите дека се граѓани на европска Франција, ќе добиете презир и потсмев. Ќе ви речат – ,,Не, ние сме Французи,,! Цивилизирани се, оти националното е секогаш пред европското.
Се лажат сите кои мислат дека Македонците се разумно стадо и вечно неосвестени слепци. Затоа ќе бидат залудни сите кампањи и сугестии. Кога државата е во прашање, кога е загрозена, не важат никакви закани и закони, освен законот за заштита на државата. Македонците низ милениумите ја потврдиле виталноста во борбата за преживување. Имаат свои црвени линии, кои не се желботека. Иако само три отсто од населението го прочителе договорот, тоа има вроден одбранбен инстинкт.
Читам некои новинари и апсолутно ми е непоимлива безграничната антипатија со која се однесуваат кон својот народ, со која ја срамат земјата и историјата, фрлаат кал на нејизните големи дејци. Тоа е неприродно. Одат до таму што дури во насловите го пцујат идентитетот. Им порачувам дека нема да исчезнат, како да не постоеле, туку ќе исчезнат како да постоеле. Тоа не е исто.
Не може Македонецот да биде вечен гладијатор во арената. Затоа не се става во дилемата, во играта наречена – референдум. Македонецот знае дека единствен начин да победи е да одбие да игра. Ако се поддржуваат ,,договорите,, значи ја признаваме ,,вината,,. Политичарите ја играат играта како што ја замислиле во парламентот. Затоа да видиме колку ја сакаме Македонија и колку може ме да бидеме поткупливи. Тогаш ќе речам – ,,Сакавте – гледајте,,.
НАТО и ЕУ можат да бидат само средство за разоткривање и заштита на идентитетот, а не алтернатива. Бугарија и Грција веќе ни ги удрија почетните шлаканици за тоа што не очекува со потпишувањето на договорите уште пред референдумот со име ,,патриотска беда,,. Затоа благодарам за референдумското прашање со неможен логичен одговор или ,,некои прашања не заслужуваат одговор,,.
Го слушам гласот на моите фамилијарни жртви. Ми велат – ,,Речи им, срам да им е!,,. Тој што не ја спречува неправдата, ја нанесува. Затоа не се меша љубовта кон Македонија со желбата за евроатланска интеграција. Патриотизмот е поддржување на својата земја во секој случај. А власта, само тогаш, кога тоа ќе го залужи. Недонесувањето на одлука е одлука колку и да се прикрива.
Прим. Д-р. Благоја Дамески