Во најголем број од глаголските несвршени форми ние ја имаме наставката ,,ува,,: купува, пишува, разгледува, кажува, влегува и многу други. Наставките за глаголските именки ќе бидат ,,ување,,: пишување, разгледување и слично. Придавките ќе имаат наставка ,,уван,, (увана): пишуван, разгледуван, кажуван, пакуван, сложуван и…
Што се случува? Штом ќе влеземе во продавница во која има стока и рефус и пакувана, веднаш ќе ве прашаат: ,,”Сакате ли рефус или пакована,,? ПАКОВАНА! Тоа е зборот што не натера да се позанимаваме со овој проблем. Нашата наставка кај несвршените глаголи гласи ,,ува,, – ПАКУВА. Во српскиот јазик тоа е ,,ова,, – ПАКОВА (паковати). Оттука и придавката ..пакован,, и глаголската именка ,,паковање,,. Зошто е тоа така? Кај зборовите кои кај нас се употребуваат и отсекогаш се употребувале проблем нема. Се пишуваат и се изговараат правилно: пишува, пишување, пишуван. Кај туѓи зборови кои кај нас во постаро време не се употребувале, а полека навлегувале во нашиот јазик преку српскиот, ние сме ја зеле и уште ја земаме српската форма: пакова, паковано, квалификовано, расходовано, расходовање. Ќе ја земеме на пример именката – ,,расход,,. Таа е влезена во нашиот јазик во поново време, но нејзините деривати треба да си поминат низ нашиот јазичен филтер и да си добијат македонска форма: расходува, расходување, расходуван, со нашите наставки ,,ува,,, ,,ување,, и ,,уван,,. Постојат зборови кои имаат длабок корен во нашиот јазик, сепак ги земаме (погрешно) српските форми. На пример, зборот СИЛА го има во нашиот јазик. Имаме придавка – силен, глагол – се сили. Но, зборот (глагол) СИЛУВАЊЕ ретко или никогаш не се употребувал, или барем не се употребувал со ова денешно значење. Значење во смисла на сексуално силување. Можеби и потребата била мала. Ретки, сосема ретки, биле таквите појави и не се укажала потреба од посебен збор, за таквите дејства. Сме сретнале податок дека во Првата светска војна, некаде во струмичко, бил пробиен фронтот. Навлегле француски војници (црнци). Цицале млеко од овците и од кравите, а изнасилиле многу жени. Еве, тука, авторот го употребил глаголот – ИЗНАСИЛИЛЕ, сé уште не бил во употреба глаголот – СИЛУВА во таква смисла. Во последно време силувањето станува почеста појава, или повеќе сме информирани за тоа. Се укажала потреба од таков, специјален, конкретен збор за тоа дејство. Иако, како што рековме, тој збор има корен во нашиот јазик, првпат тоа сме го чуле во српскиот, и нашиов човек, главно, ја употребува таа форма. Во приватни разговори ретко ќе чуеме некој да го употреби зборот – СИЛУВАЊЕ. Луѓето велат – СИЛОВАЊЕ. Многу често ќе чуеме дека некој извршил СИЛОВАЊЕ, дека некој бил во затвор поради СИЛОВАЊЕ и така натаму. Раката на срце, по медиумите не сме ја сретнале оваа погрешна форма, ни во печатот ни на телевизиските програми. Но во повеќе ТВ емисии, каде се зборува за овој проблем и каде гостуваат разни психолози и социолози, често слушаме да се вели СИЛОВАЊЕ, наместо СИЛУВАЊЕ.
Си спомнуваме на времето кога везењето беше доста застапен занает. Везачките везеа и често слушавме дека ги порабуваат чаршфите. Никој во тоа време не би рекол ПОРАБОВАЊЕ. Златарите позлатуваа разни предмети. Исто така, и посребруваа. Никој не ќе речеше ПОЗЛАТОВАЊЕ или ПОСРЕБРОВАЊЕ. Велиме, тие зборови, тие глаголи кои отсекогаш се користеле си ја задржувале правилната, македонската форма. И глаголите и придавките и глаголските именки. Сега што не се изнаслушавме: ШВАЈСОВАЊЕ (швајсување), КВАЛИФИКОВАЊЕ (квалификување), ИДЕНТИФИКОВАЊЕ (идентификување) и што уште не. Сите тие се од туѓо потекло, а кај нас влегуваат преку српскиот јазик и за жал со српската форма.
Голема е нашата негрижа за јазикот. Голема е и институционалната негрижа. Слушаме и гледаме ТВ програм од најразлични области – спорт, музика, кулинарство, разни рецепти и специјалитети. Само за јазикот нема ништо!
![]()

