Ракомет: Почнува Женската лига
– Замина Димова, остануваат Крстевска и Гичева – Конески

Прескромната понуда од спортски настани конечно ќе биде збогатена со натпреварите во Женската ракометна лига, благодарение на ЖРК Деспина. Тимот ќе учествува на првенството кое стартува викендов, со дуелот дома против Овче Поле од Свети Николе. Останатите екипи, во Лигата со 10 члена, се: Вардар, Металург, Спартак, Цемс (Скопје), Пелистер (Битола), Гевгелија, Куманово, Стружанка.
По откажувањето на интернационалниот состав на Вардар, како фаворити во новата сезона се сметаат Куманово, Металург и Пелистер. Според ова, местото на прилепскиот тим би требало да се бара во средината од табелата, со краен дострел до четвртото место. Конкурент би требало да биде младинскиот Вардар, додека новопријавените скопски тимови, Спартак и Цемс, како и Стружанка се непознати. Ако Гевгелија и Овче Поле останат со ланските ракометарки, тие ја имаат улогата на аутсајдери.
Деспина, предводена од тренерот Страшо Илиески, близу 35 дена е во тренажен процес и може да се рече дека го реализираше планот за подготовки. Одиграни беа две пријателски средби со Пелистер. Кај играчкиот кадар, има една новена. Замина бекот Дијана Димова (во Куманово). Другите остануваат, вклучително најискусната Мери Гичева – Конески, како и битолчанката со ново, прилепско жителство, Елена Крстевска, двете во бековската линија. Значи: тимот е малку ослабен, но една година поискусен, со што практично ќе се компензира квалитетот.
На стартниот дуел со Овче Поле, се очекува победа. До неа се доаѓа со борбена игра, бидејќи лани токму во првото коло беше доживеан пораз дома. Добро е да се стартува со три бода, во Лигата со двокружен систем, за разлика од лани кога беше четирикружен.
Турнир во Универзална
Убав спортски настан е меѓународниот турнир ,,Миле Нешкоски,, во Универзалната сала, каде покрај домаќинот, Прилеп, ќе учествуваат Пролет (Скопје), Струга и Ловќен Цетиње (Црна Гора). В петок, по положувањето цвеќе на споменикот од Миле Нешкоски, во 18 часот е мечот Прилеп – Пролет, потоа Струга – Ловќен. В сабота, во 17 часот е мечот за 3 место, потоа ревијални ветерански со ѕвезди како Манасков, а во 20 часот финалето.
Турнирот е последен тест за Прилеп, покрај двете пријателски во Дојран, во пресрет на првенствениот старт кај Бутел во Скопје, на 15 септември.
![]()

