Наставките за назив на земја ,,чка,, (Грчка, Словачка), ,,шка,, (Норвешка, Чешка), ,,ска,, (Бугарска, Француска, Турска) не се застапени во нашиот јазик. Поточно, не треба да бидат застапени. Односната наставка за имињата на земјите кај нас е – ,,ија,, (Словенија, Франција, Италија). За жал, практиката ни кажува нешто друго. Може често да чуеме дека некои ќе одат на одмор во Грчка, некои во Турска и така натаму. А да не зборуваме за Чешка, Шведска, Ирска и многу други. Во македонскиот јазик постојат (постоеја) и наставките ,,ско,,, ,,чко,,, ,,шко,,. Познато беше кога нашите луѓе одеа на печалба во Влашко. Сега тие наставки се веќе изгубени. Се користат само во називи на краишта – Битолско, Велешко, Тиквешко и слично. Како е дојдено, во нашиот јазик да се затврдат наставките ,,чка,,, ,,ска,, и ,,шка,,? На пример, формата Чехословачка или сега Чешка и Словачка. Составувачите на првиот Правопис тргнале од претпоставката дека оваа форма е влезена во навикот на луѓето и дека тој навик може да се озакони. Со решението врз тој (ограничен) навик се создаде вистински навик. Така се појавија и називите на Данска, Шведска, Норвешка, Финска и многу други. Рековме, кај нас како наставка за имињата на држави се користи (треба да се користи) наставката “ија” – Југославија, Германија, Грција и така натаму. Значи називите на земјите што ги споменавме погоре, треба да гласат – Данија, Норвегија, Финландија и слично. Во Правописот од 1970 година дадена е двојна форма на Чехословачка. Може да се користи и Чехословакија. Тоа би требало да се однесува и за другите земји. Тенденцијата треба да биде таква, да се избегнуваат наставките ,,ска,,, ..шка.. и ..чка.. и да се користи наставката ,,ија,,. Но, има ли шанса за вакво нешто? Вакви какви што сме и со ваквото однесување спрема нашиот јазик – тешко! Ќе се најдат одвреме-навреме некои вакви донкихотовски напори, но се ќе заврши како она за кучињата и карванот.
Имаме конкретен повод и причина да пишуваме за овој проблем. Во Правописот е одбележана именката Норвешка (име на држава). Жител на таа земја гласи (во Правописот) Норвежанин, а жена Норвежанка. Е, сега се прашуваме, зошто и придавката да не биде норвежански (ска,ско)? Ама еве, слушнавме на телевизија, а и прочитавме на кајронот – ,,Норвешка помош за имплементација за реформските приоритети,,. Значи, се очекува НОРВЕШКА помош од НОРВЕШКА. Сега овде, што е именка, а што придавка? Ако е веќе така, ако се очекува помош од Норвешка таа треба да гласи НОРВЕЖАНСКА. Норвешка е именка, името на државата, а придавката, односно помошта што ќе пристигне ќе биде норвежанска. Чија помош? НОРВЕЖАНСКА, а не НОРВЕШКА. И ако, како што рековме, имајќи го предвид навикот според кој се користат имињата – Норвешка, Грчка, Шведска, Финска, никако, ама баш никако не смее да се заборави на правилната форма. Таа треба да се поттикнува, да се укажува на неа. Како што е Македонија, со наставка ,,ија,, така треба со сите. Можеби ќе постојат и сигурно постојат исклучоци. Да речеме на пример – Хрватска. Тоа сме го зеле како такво од самиот извор. Но, духот на нашиот јазик бара да биде – Норвегија, Данија, Финландија. Ние, како да ја замандаливме портата и не го пуштаме да влезе она што е правилно, она што е во духот на нашиот јазик. Зар не звучи нелогично – ,,Норвешка помош од Норвешка,,? Државата треба да се вика НОРВЕГИЈА. Во тој случај, помошта ќе биде НОРВЕГИСКА. Рековме, според називот Норвешка, помошта ќе биде норвежанска. Мнозина го употребуваат називот Грчка, наместо Грција. А ако е Грчка, каква ќе биде евентуалната помош? Веројатно – ,,Грчка помош од Грчка,,. Не, правилно е ,,Грчка помош од Грција,, исто како и ,,Норвегиска помош од Норвегија,,.