ВЕЛЈАНОСКИ ПОЧНА СО 11 РАКОМЕТАРИ

Ракомет: Петти ден од подготовките на Прилеп

Голманот Димоски е и помошен тренер

Pece Veljanoski

Машкиот ракометен суперлигаш Прилеп во понеделникот имаше прв собир. Наместо Оливер Димитриоски, заминат во Металург, прозивката ја изврши новиот тренер Пеце Велјаноски (некогашен на Тутунски и Жито Прилеп). На Спортскиот центар се јавија 11 ракометари. Во споредба со ланскиот играчки кадар од најискусните, недостасува левото крило Менде Петкоски, кој заминал во Германија. Голманот Тони Димоски ќе биде и помошник-тренер. Повратник во тимот е пивотот Пеце Ѓорѓиески, а нови играчи ќе има и од Скопје и Велес,

Во градов ќе биде првата фаза од подготовките. Во предвид е Спортскиот центар, но и две сали – од СОУ ,,Ричко,, и Универзалната сала. Ако се случи влегувањето во Универзална, тоа ќе биде по две години, бидејќи последен пат прилепските ракометари таму играа меч од европски куп ЕХФ, со швајцарскиот Винтертур. Постојат изгледи дел од подготовките да се реализира надвор од градов. Како опција се споменува Дојран. Сигурно дека ќе се одиграат повеќе контролни средби. Претходните години за таа намена беше меморијалниот турнир ,,Миле Нешкоски,,.

Првенството стартува на 15 септември, кога Прилеп гостува на Бутел во Скопје. Натаму, во првиот круг ќе биде домаќин на Борец (Велес), Радовиш, Охрид и Пролет (Скопје), а гостин на Вардар јуниор (Скопје), Струга, Еурофарм и Пелистер (Битола). Значи, Супер лигата ќе брои 10 екипи, со вклучување во плеј-офот на Вардар и Металург. Според ланскиот пласман, освоеното осмо место без бараж и задржаниот суперлигашкиот статус, следната сезона приоритет е повисоко место кон средината од табелата. Ако се даде шанса за влез во плеј-офот, може да се очекува и борба за таа цел.

Управата засега не објавува кој ќе биде претседател, наследник на Александар Мариновски. Како кандидати се споменуваат некогашните ракометни асови Кристијан Илиески, Далибор Лукиќ и Гоце Макалоски.

Женската лига проширена

Според РФМ Женската лига стартува на 8 септември, кога Деспина игра дома со Овче Поле (Свети Николе. Лигата е проширена со три нови тима Спартак, Цемс (Скопје) и Стружанка, а тука се и досегашните Металург, Вардар (Скопје), Куманово, Гевгелија и Пелистер (Битола).

Од Лигата се откажа Вардар јуниор.

Loading