ПРИЛЕПСКОТО – МАКЕДОНСКО СОНЦЕ ОД ВРЕМЕТО НА ПРЕРОДБАТА

Screenshot 1

Во 19 век, за преродбенскиот период, како израз на македонска национална свест, се појавила практика на поставување врати од ковано железо на трговските дуќани – магази на кои биле изработувани апликации на македонскиот симбол – сонце со розета, со 16 или со 12 краци, како израз на македонската национална свест. Големите македонски преродбеници и револуционери од 19 век, појавиле негување на постарата македонска историја, особено онаа поврзана за имињата на најславните антички кралеви на Македонија, Филип Втори и неговиот син Александар Трети Македонски. Почнало да се практикува изработка и истакнување на јавни места на македонскиот симбол, познат како сонцето од Кутлеш, според неговиот приказ на ковчежето најдено во големата кралска гробница, која беше претставена како гробница на кралот Филип Втори. Симболот особено се поставувал на цврстите врати од ковано железо на трговските дуќани, и тоа, по еден симбол на секое крило од двокрилните врати. Симболот можел да биде со 16 или со 12 краци. Се изработувал на тој начин што се правеле по две ѕвезди – со по 8 или со по 6 краци, а потоа се ставале една врз друга се добивала ѕвезда со 16 или со 12 краци. Во центарот на спојувањето на двата еднакви дела се правеле уште по две, па и три розети и се поставувале на симболот. Оваа претстава се доближувала до автентичниот антички македонски симбол. Ѕвездите и розетите биле спојувани со долга нитна во центарот, а апликацијата била поставувана во кружен прстен.

Screenshot 2

Вратите со апликацијата се наоѓале на приземниот дел на поголеми камени згради, дуќани, мази или на железни порти за влез во поголеми дворови од анови или семејни куќи. Во градов се забележани четири градби со железни врати со апликација на симбол.

Според техниката на изработка, како сите да биле изработени од еден мајстор во една работилница. На тоа упатува и естетиката и сличните димензии.

Првата апликација е на портата од семејната куќа на Тодорчевци во познатото Долно Маало. Се работи за порта од ковано железо, составена од две крила. Полето на секое од крилата било поделено со железна лента, по вертикала, на две еднакви половини, а потоа на пет полиња по хоризонтала, со слични железни ленти. Апликацијата на македонскиот симбол со 12 краци, била поставена во второто поле на крилата, од горниот дел, а во внатрешното поле од вертикалната поделба. Според кажувањето на најстариот член, Александар Тодорчески, куќата потекнува од 1850 година. Семејството потекнувало од Варош, а во оваа куќа прв се доселил неговиот предок Аце Тодорче. Тој поседувал сопствена пајтон со кој одел во Солун, бидејќи бил бакал (трговец) и оттаму носел стока за дуќанот во Прилеп. Откако Аце Тодорче станал имотен, од македонски мајстори во Солун порачал порта од ковано железо и побарал и на неа да биде исковано македонското сонце од Кутлеш. Во 1878 година, железната порта ја донесол товарена на дилижансата на местото на кое се носеле куфери и други предмети. Ја поставил на влезот од куќата, на која стои и ден-денес.

Screenshot 3

Втората апликација на сончев диск, до пред некоја година имашена градба стара неколку века во Прилеп. На двокатната зграда од добро обработени камени блокови, имаше двокрилна врата од ковано железо со апликација на македонскиот симбол со 12 краци. Според кажувањето на соседите, градбата му припаѓала на Ислам-бег, На двокрилната врата имало две апликации од ковано желесо – по една на секое крило, поставени во првата третина на крилата, тргнувајќи од горниот дел. Тие претставуваа ѕвезди со 12 краци, составени од по две шестокраки ѕвезди поставени една врз друга, со по две розети во центарот. Споредени со ѕвездите од другите места, овие се со малку послаба изработка. Двокрилната врата била поставена на обработени камени блокови, од кои била направена цврста правоаголна форма. На вратата има фронтон со сводест покрив од убаво обработени камени елементи.  На површината стоел натпис на фирмата, односно, името на мазата. На сводот од камен има изработен релјеф со претстава на флорални мотиви од страните, а исламски симбол во средишниот највисок дел – петокрака во полумесечина. Оваа појава поттикнува на размисла дека во овој дел од градот постоел интересен спој на две култури, на две различни нации, на соживот и соработка со заемно разбирање. Ова е поврзано со раскажувањето на соседите дека бегот бил наклонет на Македонците и дека поради тоа трпел и последици од турската власт. Пред неколку години, едно од двете крила било украдено. Потоа било извадено  второто крило, а градбата била реновирана.

Screenshot 4

Screenshot 5Третата апликација е во близина на Шарена Чешма. На двокрилната врата од ковано железо е зачуван само долниот кат од старата градба. Била изградена од мајсторски обработени камени блокови. Вториот кат од градбата е целосно реновиран. Просторијата претставувала трговски дуќан – маза, во кој се складирала трговска стока. Порано градбата била сопственост на семејството Плашевци. На вратата се наоѓаат две апликации на македонскиот симбол со 16 краци од ковано железо со добра изработка и со нагласена естетика. Апликацијата на македонскиот симбол со 16 краци е поставена во второто поле. Изработката е слична како кај првите две апликации. Апликациите претставувале украс на мазата, кои и денес зрачат со особена естетика.

Четвртата апликација на македонскиот симбол, до пред неколку години, се наоѓаше во делот познат како Воденички Камења, на приземјето од поголема градба, на врата до која се приоѓаше преку неколку скали од камени блокови. Приземјето било изградено од убаво обработени камени блокови, а вратата поставена во средината на ѕидот. Вратата била составена од две еднакви крила по страните и едно помало во средишниот дел, кое со десното крило било поврзано со две поголеми алки од ковано железо на кои се ставал голем катинар. Апликациите претставуваат ѕвезди со по 12 краци, поставени на двете странични крила со исти димензии, во второто поле од секое од крилата. Трите крила биле спојувани со лента од ковано железо. Македонското сонце со 12 краци било составено од по 2 ѕвезди по 6 краци една врз друга. Според комшиите, градбата била на семејството Врбовци, по потекло од Кадино Село. Пред неколку години, градбата е целосно реновирана во современ изглед, вратите од ковано железо се дислоцирани и не е познато што се случило со нив.

 

Loading