БРОНЗЕНИОТ МЕЧ ОД РУДНИКОТ СИВЕЦ

ОД ВРЕМЕТО НА ТРОЈАНСКАТА ВОЈНА

P4110032-v3-vrv-od-strela-Sivec

 

На околу 14 км на север од Прилеп на еден поголем крак од планината Бабуна, се наоѓа превојот Дервен преку кој воделе патишта и уште од древни времиња. Денес уште има прооден пат за територијата на општина Велес. Околината на превојот крие интересни остатоци од древните времиња кога овој простор бил многу користен и активен. Тој е еден од превоите преку кои племињата од север доаѓале во Македонија со ограбувачки намери. Затоа бил посебно бранет. На некоја од неговите страни биле градени и објекти за таква намена. Посебно важен е 3 и 4 век п.н.е. кога Македонија е силна империја на Балканот.

02-12mk-170x300На 2-3 км. до Дервен е селото Нов Присад. Преку еден превој со мала височина јужно од Дервен се оди во Стар Присад. Во близина на Нов Присад е и рудникот за квалитетен бел мермер Сивец од кој веројатно потекнуваат голем број мермерни споменици од старите населби низ Македонија. Тоа упатува на древната традиција на експлоатација на мермерен камен од овој рудник кој и денес во голема мерка со својата белина ги бранува духовите на пошироката јавност. Гледано од овој аспект само како старо наоѓалиште, рудникот претставува значаен археолошки локалитет. Некои наоди од околината укажуваат на древно цивилизациско присуство. Еден меч од древните времиња пронајден во случајно откриена некропола на која се истражени 4 гробови претставува интересно археолошко наоѓање. Гробовите биле правени со плочи. Само во еден е пронајден и бронзениот меч. Заедно со него се пронајдени и еден бронзен прстен и два прдмета од коска. Тоа се ретки наоди регистрирани од археолозите иако големиот број раскопани дупки по теренот околу Присад покажува дека дивите трагачи се постојано присутни овде и веројатно голем број археолошки предмети красат некои непознати збирки. Фактот што во гробовите кај Присад се пронајдени бронзени предмети буди асоцијација на бронзеното време. Археолозите, таквите наоди ги датираат на почетокот на железното време. Бронзениот меч датира од XII век п.н.е. што не потсетува на времето на Тројанската војна опишана во еповите на Хомер која се случила на почетокот на истиот век и траела цели 10 години.

ХОМЕР ПЕЕ ЗА ОРУЖЈЕТО

Во овие епови во описите на јунаштвата и погубувањето на јунаците од двете страни. Често се споменува бронзата од која биле изработени копјата, мечовите, ножевите, оклопите, како и богато украсените шлемови и други предмети. Во Илијада, Хомер, меѓу другото, значително место им посветил на јунаците од Пајонија, областа од долното течение на Вардар која досегала до овие простори. Освен за јунаците Хомер во своето сликовито и со силен поетски набој поетско пеење се осврнува и на оружјето кое го носеле тие. Најпрво Пајонците ги нарекувал ,,со кривите лакои,,, а во натамошните стихови го опишува погубувањето на првиот голем војсководец на Пајонците, Пирајхме. Потоа пее и за Астеропај и на уште неколку Пајонци. Астеропај, според Хомер, потекнувал од Пелегона, а тој пак од реката Аксиј (Вардар) и Перибоја која била вљубена во речниот бог. По загинувањето на Астеропај од мечот на најсилниот јунак на страната на Ахајците, Ахил, во еден дел од стиховите Хомер опејува и делови од неговото оружје:

,,Ако ми повељаш веќе, Антилоху, друго од домот

јас да му дадам на Евмел, ќе го исполнам радо и тоа;

оклопот ќе му го дадам, од Астеропај што го пленив,

бронзан, што околу него се истурил истопен калај,

целиот блескав и бел, што за онега многу ќе вреди,,.

P4110037-v2-vrv-od-strela-Sivec-800x445

Ова се дел од стиховите во кои Хомер пее за постапката на Ахил по убиството на јунакот и водач на Пајонците Астеропај. Тој во момент на одмор меѓу големиот број битки организирал натпревари меѓу своите јунаци на кои се доделувале и награди. Една од наградите е и оружјето на Астеропај. Мечот пронајден кај селото Присад е долг 57 цм. со сечило од двете страни и со поткршен врв. Неговото датирање археолозите го прават, според т.н. критски преселби на Балканот кои се случиле меѓу 1400 и 1300 г. п.н.е. Слични мечови се пронајдени и на други места. Гробовите во кои е пронајден мечот, според димензиите, одговараат на погребување во згрчена положба. Четирите истражени гробови се дел од поголема некропола на тој простор која не е целосно откриена. Тоа претпоставува постоење и на населба од тоа време. За жал, до денес немаме такви откривања. Можеби токму заради тоа откритието на бронзениот меч се третира како увоз од север по критските преселби кои од своја страна се случувале на двапати на просторот на Македонија. Првите се случиле во времето од 1400 до 1300 г. п.н.е., а вторите неколку века подоцна, односно околу 8 век.

P5140137-v1

НОВИ НАОДИ И НОВИ ПРИКАЗНИ ОД РУДАРИТЕ ВО СИВЕЦ

P4110037-v2-vrv-od-strela-SivecПри рударските активности во рудникот Сивец рударите се соочуваат со разни појави, меѓу другото и со предмети од културна природа. Пред десетина години, при ископ на мермерна маса, бил откопан поголем гроб и во него биле пронајдени распаднат шлем, рачка од нож или меч, а на посебно место биле пронајдени и извесен број монети, според недоволно потврдени информации, од средниот век. Шлемот се распаднал на лице место и заедно со рачката од мечот биле фрлени, додека монетите биле разграбани. На сличен начин е пронајден и гроб од камени плочи, од типот циста со мали димензии. Во него бил пронајден земјен сад со четири рачки, кој бил брзо искршен. Во садот се наоѓал череп од мало дете или бебе, како и еден врв од стрела. Стрелата се чува кај еден од вработените, а искршениот сад, го собрал некој од присутните, со намера да ги залепи парчињата и да го состави садот. Особено е интересно тврдењето дека во садот, кој веројатно, бил за погребување – урна, се наоѓал и метален врв од стрела. Ваквата појава укажува на извесно жртвување на мало дете или бебе во некој од постарите периоди. Информациите упатуваат на тоа дека локалитетот Сивец крие уште многу културни изненадувања и дека е неопходно следење од надлежни институции и стручни лица. Фактот што овој рудник е место на експлоатација на мермер со милениуми ја потврдува можноста за нови наоди на материјална култура на тој простор.

Последниве години, околу селото засилено се зафаќаат нови простори за експлоатација на мермер. Се следи ли оваа активност на фирмите од надлежните институции за заштита на културното наследство? Не сакајќи ова прашање да биде разбрано како своевиден сомнеж, се упатува на полезноста од поблиска соработка меѓу фирмите за да не се дозволи залудното исчезнување на извесното културно богатство, кое евентуално се крие на тој голем простор.

Loading