Фудбал: Партизан пред деби настапот во Втората лига
Недостиг на средства за котизацијата и основните потреби
Првенството во Втората лига – Исток е закажано со старт на 18 август, но дали таму дебитантскиот, историски настап ќе го има Партизан од Обршани не беше познато до заклучувањето на весников. Управата водена од Дејан Смугрески беше во акција за обезбедување на 10 илјади евра Без овие пари не може да се учествува на натпреварувањето. Од нив 8 илјади се за котизација во ФФМ, а останатите за опрема, патувања и други потреби. Се чекаше помош од Општината и од компаниите.
Партизан го постигна најголемиот успех и стана втор клуб во регионот на ОФС Прилеп. Тоа што долго време беше 11 Октомври, сега е Партизан. Затоа и воспоставената соработка со прволигашот Победа. Оттаму се дојдени 15 младинци и неколку сениори за комплетирање на младинската и сениорската екипа. Се смета дека сениорите имаат доволен квалитет за опстанок. Можно е и место во средината од табелата. Од досегашните фудбалери, почнувајќи од голманите Христијан Сркески и Томче Петкоски, никој не заминал, а дојдени се засилувања. Гаранција за висок дострел се докажаните тренерски имиња на Горан Тодоровски и Круме Митрикески.
Тренинзите на стадионот кај Могилата се одвиваат веќе две недели. Одиграна е една пријателска со младинците од Победа. Ждрепката уште не е извршена. Се очекува распоредот на натпреварите. Конкуренти во Втората лига – Исток се: Борец (Велес), Брегалница (Штип), Вардар (Неготино), Тиквеш (Кавадарци), Детонит (Радовиш), Саса (М. Каменица), Китго (Пехчево), Кожуф (Гевгелија) и Плачковица (Радовиш).
Обршанците се убедени дека доколку опстои клубот и се натпреварува во второлигашкото друштво, од него ќе излезат нови афирмирани играчи. Како некогашните Аџиески, В. Димоски, Богоески, Мицкоски, Глушески, сегашниот крилен напашач Шаркоски, кој од Обршани имаше пат до 11 Октомври, Победа и Работнички.
За бодови на Могила
Не само пријателските, ами и првенствените натпревари Партизан ќе ги игра на Могила. Тоа го дозволила ФФМ. Според ова, теренот во Обршани ќе биде на располагање на други екипи. Покрај локалниот општински лигаш Обршани, интерес пројавил и третолигашот Напредок Крушеани.